Рејчел Карсон и „Тивка пролет“: од предупредување за ДДТ до линданот во дворот на ОХИС

Најголемата лекција од Карсон можеби не е само еколошка, туку и демократска. Таа веруваше дека граѓаните имаат право да знаат со што се прска нивната храна и нивниот двор и дека одлуките за тоа не смеат да ги носат само оние што заработуваат од нив. Во Скопје, каде што линданот со децении лежи на само неколку километри од центарот на градот, тоа право сè уште се бори за својата пролет.

На 27 септември 1962 година излезе „Тивка пролет“ на Рејчел Карсон, книгата што отвори пат кон забраната на ДДТ во САД и кон основањето на американската Агенција за заштита на животната средина. Во истите години кога Карсон предупредуваше за опасностите од хлорираните пестициди, во скопскиот ОХИС почна производството на линдан. Шеесет години подоцна, илјадници тони отпад од таа фабрика сè уште лежат во дворот на комбинатот и чекаат санација.

Замислете градче каде една пролет птиците повеќе не пеат. Нема пчели околу овошките, рибите пливаат со стомакот нагоре, а децата се разболуваат без објаснување. Со оваа слика, во поглавјето „Басна за утрешнината“, започнува една од највлијателните книги на XX век. Во него Карсон опишува американско градче без име, во кое целиот живот,од рибите и птиците до цветовите на јаболкниците и децата е „замолчен“ од подмолните ефекти на ДДТ.

Книгата „Тивка пролет“ („Silent Spring“) ја објави издавачката куќа „Хотон Мифлин“. Реакциите беа моментални: следуваа гнев и отпор, а претставници на хемиската и земјоделската индустрија ги нападнаа и книгата и нејзината авторка.

Жената што ја знаеше природата подобро од нејзините критичари

Рејчел Карсон не беше активистка по професија, туку научничка. Магистрирала зоологија на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во 1932 година и потоа со децении ги истражувала екосистемите на источниот брег на САД. Напредувала во Службата за риби и диви животни на САД и објавила повеќе дела за животната средина, меѓу кои и бестселерот „Морето околу нас“.

Поводот за „Тивка пролет“ бил лично писмо. Во јануари 1958 година, нејзината пријателка Олга Овенс Хакинс ѝ опишала како птиците умираат на нејзиниот имот по прскањето со ДДТ. Карсон потоа поминала години собирајќи научни докази. Резултатот не бил памфлет, туку синтеза на расфрлани сознанија од токсикологијата, биологијата на дивиот свет и епидемиологијата, сознанија што специјалистите ги знаеле во делови, но никој дотогаш не ги составил во целина за обичниот читател.

Нејзиниот заклучок бил вознемирувачки. Карсон пишувала дека едно прскање на нива ги уништува инсектите со недели и месеци – не само штетниците, туку и безброј други видови – а отровот останува во природата дури и откако дождот ќе го разреди. Според неа, ДДТ и другите пестициди трајно им наштетиле на животните и го загадиле синџирот на исхрана.

Важно е да се каже што Карсон не тврдеше. Книгата не повикуваше на целосна забрана на ДДТ, туку предупредуваше дека пестицидите се опасни за луѓето и животните и дека нивната прекумерна употреба сериозно ги нарушува екосистемите. Нејзината цел беше одговорност, а не забрана по секоја цена.

„Хистерична“, „фанатичка“, „веројатно комунистка“

Војната против книгата започна пред таа воопшто да излезе. Списанието „Њујоркер“ почна да ја објавува во продолженија на 16 јуни 1962 година, а хемиската индустрија реагираше веднаш: компанијата „Велсикол“ му се закани со тужба на издавачот и на списанието, „Дупон“ подготвуваше опсежни внатрешни анализи за можното влијание на книгата, а следуваше и кампања со памфлети и нарачани текстови.

Најкарактеристичното за таа кампања е што нападот беше насочен кон жената, а не кон доказите. Карсон ја нарекуваа хистерична, фанатичка и веројатно комунистка. Биохемичарот Роберт Вајт-Стивенс изјави дека ако човештвото ги следи учењата на „госпоѓица Карсон“, ќе се врати во мрачниот среден век. Се раскажува и дека поранешниот министер за земјоделство Езра Тафт Бенсон се прашувал зошто една неомажена жена без деца толку се грижи за генетиката.

Шеесет години подоцна, овој шаблон е препознатлив. Кога една жена научничка кажува непријатна вистина, нападот лесно се префрла од нејзините факти кон нејзиниот пол, брачниот статус и „емотивноста“. Карсон одговори како што одговара научничка: со податоци.

Кога владата потврди дека е во право

Притисокот на индустријата не ја запре книгата, туку ја зголеми нејзината читаност. Серијалот во „Њујоркер“ предизвика повеќе писма од читателите од кој било друг текст во историјата на списанието, а книгата стана бестселер и беше преведена на многу јазици.

Дури и претседателот Џон Ф. Кенеди беше прашан за пестицидите на прес-конференција на 29 август 1962 година. Тој одговори дека надлежните ја разгледуваат оваа тема, особено по објавувањето на книгата на „госпоѓица Карсон“. Советодавниот комитет за наука при претседателот го објави својот извештај на 15 мај 1963 година, а Карсон и печатот го сфатија како потврда на книгата. Извештајот во голема мера ги замолчи критичарите од индустријата и ѝ даде научен кредибилитет на „Тивка пролет“.

Карсон сведочеше и пред Сенатот, каде што препорача основање комисија за пестициди која ќе одлучува врз основа на јавниот интерес, а не на профитот на малкумина. Таа комисија денес постои во форма на Агенцијата за заштита на животната средина на САД (ЕПА), која еден новинар ја опиша како „продолжената сенка на Тивка пролет“.

Карсон не ја дочека таа победа. Додека ја бранеше книгата, таа тајно се лекуваше од рак на дојка и почина на 14 април 1964 година, само година и половина по нејзиното објавување.

Птиците се вратија

ЕПА беше основана во 1970 година. На 14 јуни 1972 година, нејзиниот прв администратор Вилијам Рукелсхаус ја објави забраната за употреба на ДДТ, одлука поттикната од загриженоста за здравјето и природата што ја разбуди токму „Тивка пролет“. Забраната стапи на сила на 31 декември 1972 година, а ДДТ беше дозволен само во итни случаи за јавното здравје.

Резултатите беа видливи. Употребата на ДДТ предизвикуваше сериозна еколошка штета, вклучително и пад на популациите на птици поради истенчувањето на лушпите на јајцата, а по забраната неколку засегнати видови забележаа значително закрепнување. Белоглавиот орел, симболот на Америка, и сивиот сокол се вратија од работ на исчезнувањето.

Во 2001 година, Стокхолмската конвенција за перзистентни органски загадувачи го стави ДДТ под глобална контрола, со исклучок за сузбивање на комарци што пренесуваат маларија. Тоа е пораката на Карсон преточена во меѓународно право: не слепа забрана, туку строга контрола.

Македонската „тивка пролет“ се вика ОХИС

Карсон во книгата пишувала и за линданот, уште еден хлориран пестицид од истото семејство. Токму тој пестицид Скопје го носи како историски товар повеќе од четири децении. Погонот за линдан во хемискиот комбинат ОХИС работел од 1964 до 1977 година, кога производството било прекинато од еколошки причини. За тие тринаесет години биле произведени околу 2.800 тони линдан, што оставило околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и сè уште ги загрозуваат воздухот, водата и почвата во Скопје.

Меѓународната агенција за истражување на ракот го класифицира линданот во групата 1 канцерогени супстанции, со доволно докази дека предизвикува не-Хочкинов лимфом. Тој е перзистентен, не се распаѓа со години, а бидејќи е испарлив, од загадената почва преминува во воздухот и се наоѓа и во ПМ-честичките.

Санацијата оди бавно. Од почетокот на проектот во 2021 година, од малата депонија се ископани и уништени 1.969 тони линдан и 586 тони загадена почва. Остануваат уште околу 916 тони ХЦХ-отпад, 2.191 тон загадена почва, 1.121 тон загаден бетон и околу 70 тони почва загадена со жива. Владата најави 12 милиони евра за целосно чистење на малата депонија, распоредени во три години.

А тоа е само почетокот. Веднаш до малата депонија, во дворот на ОХИС се наоѓа и големата депонија, во која се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан. Закопан линдан има и во Пеленица кај Драчево, каде што лежат околу 40.000 тони чист ХЦХ и уште 6.500 тони мешан отпад. Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година како супстанција што мора да се елиминира, а Македонија ја потпиша конвенцијата на 23 мај 2001 година и ја ратификуваше на 19 март 2004 година.

Зошто „Тивка пролет“ е актуелна и денес

Шеесет и четири години по објавувањето, битките што ги започна Карсон не завршија, туку само ги сменија имињата. Денес не се расправаме за ДДТ, туку за глифосатот, неоникотиноидите што се поврзуваат со умирањето на пчелите и „вечните хемикалии“ ПФАС, кои ги наоѓаме во водата, храната и крвта. Аргументите на индустријата звучат познато: нема доволно докази, економијата ќе страда, критичарите претеруваат.

Најголемата лекција од Карсон можеби не е само еколошка, туку и демократска. Таа веруваше дека граѓаните имаат право да знаат со што се прска нивната храна и нивниот двор и дека одлуките за тоа не смеат да ги носат само оние што заработуваат од нив. Во Скопје, каде што линданот со децении лежи на само неколку километри од центарот на градот, тоа право сè уште се бори за својата пролет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс