Денес и вчера во Тирана се одржува Регионалната академија за лидерство за жени лидери од Западен Балкан. Академијата обединува 30 жени лидери и професионалки од целиот регион, со цел да се зајакнат нивните лидерски капацитети и да се унапреди родовата еднаквост преку соработка и размена на искуства. Новинарката на Трн.мк., Адрјана Георгоев е дел од учесничките на настанот.

Во рамки на првиот модул, дискусиите беа насочени кон значењето на родовата еднаквост, структурните нееднаквости и принципот „Никој да не биде изоставен“, при што се градеше заедничко разбирање за предизвиците и можностите во регионот.
Настанот беше отворен со обраќања на:Денада Сефери, заменичка министерка за здравство и социјална заштитаМиха Пезељ, претставник на Делегацијата на Европската Унија во Албанија, Ранди Дејвис, постојана претставничка на UNDP во Албанија Кача Ѓуричковиќ, раководителка на кластерот за родова еднаквост и програмата #EU4GE во UNDP Montenegro.

Програмата продолжи со сесии посветени на лидерство од родова перспектива и преминот од свесност кон конкретна акција.
Регионалната академија за лидерство во Тирана испраќа јасна порака дека родовата еднаквост не е само политичка цел, туку процес кој се гради преку соработка, знаење и заедничка акција. Обединувањето на жени лидери од Западен Балкан ја зајакнува регионалната мрежа на влијание и отвора простор за поинклузивни политики и одлуки.
Во време кога нееднаквостите сè уште се структурни и длабоко вкоренети, ваквите иницијативи го потсетуваат регионот дека напредокот кон вистинска родова еднаквост бара континуирана работа, солидарност и политичка волја. Од свесност до акција, токму тука започнува промената.
Академијата се организира во рамки на регионалната програма на Европската Унија за родова еднаквост #EU4GE, финансирана од Европската комисија, а имплементирана од UNDP Montenegro и UN Women Europe and Central Asia, во соработка со партнери од регионот.