Францускиот институт во Скопје и оваа година го организира Регионалниот летен универзитет во Струга, кој ќе се одржи од 29 јуни до 3 јули 2026 година. Станува збор за 27. издание на оваа престижна образовна манифестација, која со години претставува едно од најзначајните собири на професори по француски јазик од регионот.
Универзитетот е наменет за наставници, професори и образовни работници од Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Словенија, Турција, Романија, Унгарија и Северна Македонија.
Главната цел на оваа регионална обука е да се зајакне присуството и значењето на францускиот јазик во образовните системи на земјите учеснички, како и да се поттикне соработката меѓу наставниците и професионалците кои работат во областа на франкофонското образование.
Организаторите посочуваат дека Регионалниот летен универзитет не е само место за професионално усовршување, туку и простор за создавање нови партнерства, размена на искуства и воспоставување трајни врски меѓу професорите по француски јазик и наставниците кои предаваат нејазични предмети на француски јазик во земјите од Југоисточна Европа.
Програмата годинава е поделена во пет тематски модули, кои ќе ги водат реномирани француски обучувачи и експерти. Преку предавања, работилници и интерактивни сесии, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со современи наставни методи, нови образовни практики и иновативни пристапи во изучувањето и предавањето на францускиот јазик.
Настанот се реализира со поддршка и партнерство на бројни институции, меѓу кои се Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Меѓународната организација на Франкофонијата, КРЕФЕКО, Здружението на професори по француски јазик на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука, како и француските институти и дипломатски претставништва во повеќе земји од регионот.
Меѓу партнерите се и Амбасадата на Франција во Албанија, Амбасадата на Франција на Косово, Францускиот институт во Србија, Францускиот институт во Босна и Херцеговина, Францускиот институт во Црна Гора, Фондацијата „Бел Идеал“, како и издавачките куќи „Ашет“ и „КЛЕ“.
Со својата долгогодишна традиција, Регионалниот летен универзитет во Струга останува еден од најзначајните франкофонски образовни настани во регионот, придонесувајќи за развојот на наставата по француски јазик и зацврстувањето на културните и образовните врски меѓу земјите од Југоисточна Европа.