Разорни земјотреси ја погодија Венецуела: Се стравува од илјадници жртви

Два силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени ја погодија Венецуела. Пријавени се десетици загинати и стотици повредени, додека спасувачките екипи трагаат по луѓе под урнатините.
epaselect epa13062508 A damaged vehicle lies beneath rubble in Caracas, Venezuela, 24 June 2026. Two powerful earthquakes struck Venezuela, including a magnitude 7.5 earthquake, causing buildings to collapse as authorities assessed damage and possible casualties, according to the US Geological Survey (USGS) and local officials. EPA/RONALD PENA R

Венецуела се соочува со една од најтешките природни катастрофи во последните години, откако два силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени според Рихтер ја погодија областа околу главниот град Каракас.

Властите прогласија вонредна состојба, а спасувачките служби, армијата и медицинските тимови се распоредени на најпогодените локации. Според првичните официјални информации, најмалку 32 лица загинале, а околу 700 се повредени, но се стравува дека бројот на жртви би можел значително да се зголеми.

Најголема штета е забележана во Каракас и крајбрежната држава Ла Гуаира, каде што се урнати повеќе станбени и деловни објекти. Спасувачите и натаму пребаруваат низ урнатините, а очевидци сведочат дека од срушените згради се слушаат повици за помош. Дополнителна загриженост предизвикува проценката на Американскиот геолошки институт (USGS), според која постои можност бројот на жртви да биде многу поголем доколку се потврдат размерите на уништувањето во најпогодените подрачја.

Поради оштетувања на инфраструктурата, затворен е главниот аеродром во Каракас, железничкиот сообраќај е прекинат, а наставата е суспендирана. Илјадници жители ја поминаа ноќта на отворено поради страв од нови потреси.

Сеизмолозите објаснуваат дека Венецуела се наоѓа на границата меѓу Карипската и Јужноамериканската тектонска плоча, што ја прави подложна на силни земјотреси. Според нив, опасноста сè уште не е помината и се можни нови, силни последователни потреси. Меѓународната заедница веќе понуди помош за справување со последиците од катастрофата, додека властите апелираат граѓаните да избегнуваат оштетени објекти и да ги следат инструкциите на службите за итни случаи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс