Ким Џонг Ун го стави во служба хаварисаниот воен брод „Канг Кон“

По тешкиот инцидент при спуштањето во вода минатата година, вториот модерен разорувач на Пјонгјанг влезе во редовниот поморски состав.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун официјално го стави во служба новиот разорувач „Канг Кон“, воен брод способен да носи нуклеарно оружје, пренесе државната агенција КЦНА. Станува збор за вториот модерен брод од класата „Чое Хјон“, чие претходно спуштање во вода во мај 2025 година заврши со превртување и оштетување на трупот, што тогаш предизвика остра реакција од државниот врв.

На свеченоста за воведување на бродот во составот на морнарицата, Ким изјави дека завршувањето на „Канг Кон“ е резултат на силниот дух и волја на земјата. Државните медиуми јавија дека новото пловило има задача да испрати порака за одвраќање кон непријателите на Пјонгјанг.

Овој настан претставува пресврт за севернокорејското бродоградилиште. При првиот обид за спуштање во мај 2025 година, поради дефект на механизмот, крмата прерано се лизна во водата, при што оштети делови од трупот, додека прамецот остана заглавен на навозот. Ким тогаш го оцени инцидентот како сериозен пропуст и криминален чин, но властите подоцна соопштија дека штетата не била фатална.

Бродовите од класата „Чое Хјон“ се најголемите воени пловила што Северна Кореја досега ги произвела. Првиот брод од оваа класа влезе во служба во јуни, кога државниот врв објави дека морнарицата ја надминала повеќедецениската технолошка пауза.

Државната агенција КЦНА пренесе дека новите разорувачи се опремени со системи за наведувани проектили. Воведувањето на „Канг Кон“ ја затвора кризата со ланскиот инцидент и го комплетира најавениот распоред за зголемување на поморските капацитети на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс