По смртоносните земјотреси што ја погодија Венецуела, многу земји изразија солидарност и понудија помош. Европската комесарка за еднаквост и управување со кризи, Хаџа Лахиб, изјави дека Брисел внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела преку своите луѓе на терен и партнерите. Таа додаде дека ЕУ е подготвена да ја зголеми помошта доколку јужноамериканската земја го побара тоа.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони изјави дека Италија стои зад Венецуела и потврди дека се во тек активности за воспоставување хуманитарна помош.
Пораки за поддршка испратија и францускиот претседател Емануел Макрон и шпанскиот премиер Педро Санчез. Макрон изрази „целосна солидарност со жртвите, нивните најблиски и сите вклучени на терен“, додека Санчез рече дека мислите на Шпанија се со жртвите и нивните семејства.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека е „длабоко шокиран од разорувањето и загубата на животи“ и изрази сочувство во име на Пакистан до владата и народот на Венецуела.
Голем број други влади, исто така, понудија помош, вклучувајќи ги САД, Аргентина, Боливија, Бразил, Чиле, Еквадор, Ел Салвадор, Мексико, Панама и Уругвај.
Фон дер Лајен изрази солидарност со народот на Венецуела
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изрази солидарност со народот на Венецуела.
„Изразуваме солидарност со сите Венецуелци по разорните земјотреси од синоќа. Моите мисли се особено со жртвите и нивните семејства. Ние сме со вас“, напиша фон дер Лајен на социјалната мрежа X.