Расказот „Службен пат до Тирана“ на Патлиџанковски победник на конкурсот „Живко Чинго“

Во образложението се наведува дека расказот се издвоил по начинот на кој ги поврзува етичките и човечките аспекти со современата тема

Расказот „Службен пат до Тирана“, под шифра „Патникот“, напишан од писателот и книжевен истражувач, д-р Марјан Патлиџанковски, е избран за најдобар на годинашниот конкурс за наградата „Живко Чинго“, соопштија организаторите.

Жири-комисијата во состав Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо Димоски и Иван Џепароски, во образложението наведува дека расказот „Службен пат до Тирана“ се издвоил од преостанатите 23 доставени раскази, по начинот на кој ги поврзува етичките и човечките аспекти со современата тема, но и по стилската изведба и јазичната прецизност.

„Расказот восхитува, но и изненадува со антрополошко-етичкиот пристап, ретко присутен во најновата македонска литература, со ведрата емпатија кон туѓото и кон своето, како и со хуморната димензија што проблеснува од секој параграф, со оригиналноста и современоста на темата, како и со беспрекорно чистиот јазичен израз“, се наведува во образложението на комисијата.

Патлиџанковски е роден на 22 мај 1973 година во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност.

Во списанието „Современост“ во 2004 и 2005 година ги објавил трудовите „Митолошко-фантастични елементи во ’Тврдоглави‘ и ’Миракули на грозомората‘ од Славко Јаневски“, „Фолклорни демонски суштества“ и „Херменевтичка анализа на песната ’Чедоморка‘ од Славко Јаневски“.

Во 2019 година ја објавил научната студија „Иницијацијата (пубертетска и херојска) во македонската народна епска поезија“, а во 2020 година и трудот „Средновековното македонско скрипторско наследство“.

Во 2023 година ја освоил втората награда за краток расказ на конкурсот „Раскажувам фотографија“, што го организира Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија. Истата година добил Благодарница за успешна соработка од НУ „Спомен-куќа на Мајка Тереза“, а неговиот расказ „Аурата на Саанви“ бил објавен на македонски и албански јазик во збирката од конкурсот.

Во 2024 година ја добил меѓународната награда за критика и книжевна историја „Книжевен круг“, доделена на XIII Меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“.

Во декември 2024 година го објавил својот прв роман за деца со илустрации „Едно лето на Никола“, а во мај 2025 година и првата збирка раскази „Езерград – скопски приказни“. За овие две изданија во 2025 година ја добил наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за публицистика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс