Расказ на Томислав Османли објавен во грчкото списание „Фреар“

Преводот на опсежниот, сложен текст Османли, богато и значенски прецизно, од македонски го преведе грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас

 Оригиналната прозна творба „READY MADE… субјект“, на македонскиот автор Томислав Османли, заедно со илустрацијата на ликовниот уметник Јанис Ефтимиу, деновиве е објавена во најновиот, 18-ти број на реномираното атинско книжевно списание и портал „Φρέαρ“ (значењето е: источник, извор) 

Расказот на Османли претставува специфична, есеизирана, критички интонирана социјална проза, инаку изворно објавена како завршен расказ на збирката со хибриден наслов ПараδΩξicoN („Парадоксикон“) за која тој пред шест години ја доби највисоката награда, „Рациновото признание“. Преводот на опсежниот, сложен текст на нашиот автор, богато и значенски прецизно, од македонски го преведе грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас, интелектуалец познат по неговите афирмации  на македонскиот јазик, идентитет и култура и по преводите на грчки, на поезија и прози од повеќе македонски писатели.

“Врвниот писател и сценарист Томислав Османли пренесува потресен расказ за губењето на хуманоста во современиот свет. – пишува во својата приватна објава литератот Сотирис Минас – Имав чест да го преведам ‘Ready-made… Субјект’ за новиот број на списанието ‘Фреар’. Дело што докажува зошто Османли се смета за еден од најпродорните гласови на нашето време.”

Расказот „READY MADE… субјект“ на прв план ги проблематизира намножените, травматични случаи на отфрлање на новороденчиња. Задлабочувајќи се во причините за тој социопатолошки феномен, Османли испишува жестоко интонирана проза која сестрано ја разоткрива дехуманизираната ера. Тој дава ред илустрации за ослободениот  патолошки потенцијал на современото голо, материјалистичко, бесчувствено и потрошувачки отуѓено општество. Во длабокиот социјален рез што го прави Османли во оваа проза од регистарот на најдрастичните парадокси на современата стварност со кои тој се занимава во својата книга, во расказот „READY MADE… субјект“ се апострофира универзално распространетата хипокризија, масовната изневера на човечкиот морал, беспримерниот хедонизам, негрижата и обесчовечувањето во кои е забраздена современата цивилизација базирана на козумеризам диктиран од олигархискиот капитализам, на диктатот на голото профитерство, на т.н. инфлуенсерство помогнато од мас-медиумскиот илузионизам, на ова време прогласено за рај на егоистичното уживање и заборавот на најважните човечки вредности во кои најнепоштедени жртви се пред сѐ децата. Прозата на Османли што е објавена во Грција, се фокусира на злоупотребата и на драстичното отфрлање на родителството, лицемерието на институциите и неетичноста и закажувањето на т.н. правна држава… зацарувани во нашево совремие во кое, без  скрупули се кршат темелни вредности, морални архетипи како што е грижното мајчинство, заштитата на потомството и безбедноста на децата кои, веќе од бебиња, стануваат жртви на сѐ пошокантни насилности и изживувања.  

Грчкото списанието за литература, уметности и култура „Φρέαρ“ (  https://mag.frear.gr/  ) со исклучително квалитетни содржини и врвен дизајн, во грчката културна јавност се појавува од 2020 година и под постојното мото „во длабочината на околностите“, претставува богат извор на творби и сознанија од сите домени на современата уметност и култура.  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни