Необичниот оглас во Велика Британија бара придружник за семејно куче и помошник на имот, со обезбедено сместување и покриени трошоци.
Едно семејство во Велика Британија бара кандидат за необична работа — да биде придружник на нивното куче и помошник на приватен имот. За позицијата се нуди годишна плата од 60.000 евра, сместување во куќичка на имотот и покриени трошоци.
Работата е со полно работно време, од понеделник до четврток, од 9 до 18 часот, со одредена флексибилност кога семејството престојува на својот имот во Сари. Добредојдени се и партнери и домашни миленици.
Во описот на работното место се наведува дека семејството бара доверлива и грижлива личност која ќе биде постојано присутна на имотот, ќе се грижи за добросостојбата и секојдневната рутина на семејното куче и ќе помага во одржување на домот.
Избраниот кандидат ќе има улога и на чувар на домот, бидејќи присуството на имотот треба да обезбеди дополнителна сигурност додека семејството е отсутно. Огласот е наменет за лице што сака мирна средина и уреден, функционален дом.
Главниот дел од работата е грижата за кучето — хранење, нега, дружење, прошетки и следење на неговата рутина. Кандидатот ќе треба да го следи однесувањето на кучето и да води дневник за неговите активности, вклучувајќи оброци, прошетки и посети кај ветеринар, грумер или тренер кога е потребно.
Во огласот, објавен на веб-страницата „Ачив хоспиталити“ во Велика Британија, се нагласува дека ова не е класична работа за одржување домаќинство. Сепак, се очекува извршување помали задачи, одење во набавка и помош во организацијата и одржувањето на имотот.