Путин: Нема да ја напаѓаме Европа, но ако треба ќе одговориме

Рускиот претседател тврди дека нема амбиции кон европските соседи, но се закани поради воените маневри на Балтикот и најави нови нуклеарни приоритети.
Фото: kremlin.ru

Русија нема агресивни намери кон Европа и сака обнова на меѓусебните односи, порача денеска рускиот претседател Владимир Путин за време на обраќањето пред Воено-индустриската комисија во Москва. Сепак, тој ги обвини европските лидери дека свесно создаваат страв од наводна руска закана за да ги оправдаат сопствените воени политики, упатувајќи директна закана со реакција доколку европските поморски сили продолжат со притисокот на Балтичкото Море.

Обраќајќи им се на членовите на Воено-индустриската комисија, Путин истакна дека не постои никаква фактичка основа за тврдењата дека Москва планира воен судир со европските држави. Според неговите зборови, европските политички центри ја користат војната во Украина за мобилизација на сопствените буџети и градење антируски наративи.

„Сакам уште еднаш да нагласам: Русија нема агресивни намери кон Европа или европските земји. За тоа едноставно не постои никаква основа. Подготвени сме за соработка и обнова на односите со нашите европски соседи“, изјави рускиот претседател.

Тој додаде дека токму одделни европски лидери, според проценките на Кремљ, водат подготовка за директна конфронтација со Русија, префрлајќи ја вината на Москва.

Посебен фокус во своето обраќање Путин стави на неодамнешните воени вежби што западните сојузници ги спроведуваат во водите на Балтичкото Море. Рускиот лидер тврди дека маневрите на европските поморски сили не се исклучиво дефанзивни, туку симулираат конкретни оперативни чекори за заплена на руски трговски и цивилни бродови.

„Постојано зборуваат за одбрана на меѓународното право и за почитување на неговите норми, а сепак се подготвуваат за заплена на цивилни пловила“, рече Путин.

Тој директно порача дека Москва нема да толерира блокади: „Оставете нè да живееме во мир, во спротивно и ние ќе бидеме принудени да реагираме.“

Паралелно со политичките пораки кон Брисел и европските престолнини, состанокот послужи и за официјално дефинирање на новата руска државна програма за вооружување. Путин најави дека главниот акцент во следниот развоен циклус ќе биде ставен на сеопфатна модернизација на армијата, при што стратешките нуклеарни сили остануваат главен столб и апсолутен приоритет на воениот врв во Москва.

е-Трн да боцка во твојот инбокс