Зошто Путин не патува низ Русија? Рекордна пауза што не е видена ни за време на ковид

Владимир Путин повеќе од половина година не посетил ниту еден руски регион, што е најдолга пауза од регионални патувања, подолга и од периодот на ковид.

Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од половина година не посетил ниту еден руски регион надвор од Москва, Московската област и Санкт Петербург, што претставува остар пресврт во однос на претходните години кога ваквите патувања беа редовен дел од неговата агенда.

Според анализата на рускиот независен медиум „Агентство“, паузата од регионални посети сега трае 196 дена. Досегашниот најдолг период без вакви патувања бил за време на пандемијата на ковид-19 во 2020 година, кога Путин не патувал низ Русија 132 дена.

Последното негово патување надвор од Москва, Московската област и Санкт Петербург било еднодневна посета на Самара на 6 ноември 2025 година. Во меѓувреме, неговите ретки јавни појавувања надвор од Кремљ главно се поврзани со странски посети, како неодамнешното патување во Кина.

Настапи под строга контрола

Последните јавни ангажмани на Путин во Русија биле строго контролирани. Меѓу нив се божиќна служба во објект за специјални единици, средби со студенти во Долгопрудни во Московската област и церемонија на положување венци во Санкт Петербург, одржана без присуство на јавноста.

Прекинот на регионалните патувања доаѓа во период на зголемени безбедносни мерки и по извештаи за наводен украински обид за напад врз резиденцијата на Путин кај Валдај кон крајот на 2025 година.

Москва тврди дека имало напад со дронови

Руските власти тврдат дека Украина се обидела да ја нападне личната резиденција на Путин кај Валдај, силно обезбеден комплекс во Новгородската област, околу 350 километри северозападно од Москва.

Според руското Министерство за одбрана, нападот бил изведен со украински ударни дронови и мамци, а руската противвоздушна одбрана наводно ги соборила сите летала. Министерството подоцна соопшти дека во нападот биле вклучени 41 летало, од кои 23 биле уништени во утринските часови.

Кремљ не соопшти дали Путин во моментот на наводниот напад бил во резиденцијата. Неговиот портпарол Дмитриј Песков ги отфрли барањата за докази, наведувајќи дека тие не се потребни ако противвоздушната одбрана го неутрализирала нападот.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека нападот „апсолутно се случил“ и најави дека Русија ќе одговори, но „не дипломатски“.

Украина ги отфрла тврдењата

Украинските претставници ги отфрлаат руските тврдења и наведуваат дека строго чуваниот комплекс кај Валдај не бил мета на напад. Тие го обвинуваат Кремљ дека ја користи приказната како изговор за можен прекин или одложување на мировните преговори.

Според описите во медиумите, комплексот кај Валдај е една од најзаштитените резиденции на Путин, со сопствена инфраструктура, хелиодром, железничка станица и силна противвоздушна заштита.

Безбедност или страв од внатрешна нестабилност?

Европски разузнавачки извори, на кои се повикува Си-Ен-Ен, наведуваат дека Путин во последниот период функционира под невообичаено строги безбедносни услови.

Според тие проценки, неговото ограничено движење не е поврзано само со ризик од дронови и можни украински напади, туку и со страв од внатрешна нестабилност во Русија.

Отсуството на регионални посети, кои порано беа важен дел од јавниот имиџ на Путин, сега отвора прашања за тоа колку безбедносната ситуација ја променила неговата политичка рутина — и зошто Кремљ сè повеќе го држи рускиот претседател во строго контролирани услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс