Книгата „Пустинско срце: петнаесет години во Авганистан“ од Ана Пејчинова ќе биде промовирана во четврток, 17 септември, во скопскиот простор „Лабораториум“ со почеток во 20 часот. За делото кое донесува редок документаристички поглед врз авганското општество од прва рака, со авторката ќе разговараат Наташа Атанасова и Александар Маџаровски.
Ана Пејчинова поминала деценија и пол работејќи и живеејќи во Авганистан, во периодот од првите години по соборувањето на првиот талибански режим па сè до падот на републичката влада во 2021 година. Во тој историски интервал, земјата помина низ странска воена интервенција, обиди за изградба на институции и постојани судири. Наместо кратка репортерска посета од безбедна дистанца, книгата се потпира врз долготрајно лично и професионално присуство на терен.
Документарната проза на Пејчинова не се задржува само на воените дејствија и високата политика, туку влегува во секојдневниот живот на локалното население. Текстот ги бележи семејните и племенските врски, навиките за преживување, работата, стравот, но и хуморот и солидарноста на луѓето. Низ страниците дефилираат авгански жени, племенски старешини, преведувачи, лекари, странски службеници и платеници, прикажани преку конкретни разговори и ситуации.
Покрај мемоарскиот дел, книгата содржи мапа, белешки и обемни прилози за географијата, демографијата и историјата на Авганистан. Посебен простор е посветен на заедницата на Хазарите, племенскиот кодекс паштунвали, локалните обичаи, сфаќањето на честа и традиционалната правда. Пејчинова отворено наведува дека дијалозите се обликувани со одредена креативна слобода, а имињата се сменети, додека самите личности, настани и околности се автентични.
Пејчинова е родена во Скопје во 1973 година. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, докторирала компаратистика на Карловиот универзитет во Прага, а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Во текот на две децении работела како советник и менаџер за стратешки комуникации во Обединетите нации и УСАИД во кризни подрачја како Авганистан, Ирак, Пакистан, Египет и Конго.