Search

Пушење канабис на сончев ден прави мек амбиент- дали сите имаат ист „хај“?

Националната анкета на повеќе од 9.000 Американци покажа дека 81 процент веруваат дека канабисот има една или повеќе здравствени придобивки. Скоро половина од овие испитаници наведоа „олеснување од анксиозност, стрес и депресија“ како една од овие потенцијални придобивки.

Многу луѓе пушат канабис за да се опуштат, но за жал, тоа не го дава секогаш тој посакуван ефект. Ефектите што канабисот може да ги има врз расположението варираат во голема мера, правејќи ги некои луѓе смирени и задоволни, а други вознемирени и раздразливи, така барем покажуваат истражувањата.

Ефектите на марихуаната врз корисниците може да варираат и од едно до друго пушење и може да бидат под влијание на тоа колку сте вознемирени пред конзумирањето на билката. Едно лице може да пуши или да внесе иста количина канабис во две различни прилики и да има две сосема различни искуства, вели Рајан Вандреј, професор по психијатрија и бихејвиорални науки во Џонс Хопкинс за „Вашингтон пост“

„Многу од тоа зависи од багажот што го носите во ситуацијата“, рече Вандреј. „Навистина е тешко да се предвиди“.

Експертите велат дека типот на канабис, количеството земено и начинот на кој се користи – на пример пушење, „вајпање“ или јадење – сето тоа одредува како тој влијае на телото. Канабисот содржи различни нивоа на различни соединенија. THC, или делта-9-тетрахидроканабинол, е компонента на канабисот одговорна за чувствувањето „хај“. CBD, или канабидиол, се чини дека делува преку различни рецептори во мозокот и не резултира со ист тип на „хај“.

Многу луѓе сметаат дека канабисот е корисен за борба анксиозност. Националната анкета на повеќе од 9.000 Американци покажа дека 81 процент веруваат дека канабисот има една или повеќе здравствени придобивки. Скоро половина од овие испитаници наведоа „олеснување од анксиозност, стрес и депресија“ како една од овие потенцијални придобивки. Но, се чини дека има исто толку луѓе кои велат дека канабисот ја влошува нивната анксиозност.

„Имаме навика да зборуваме за канабис како за едно нешто, а не е едно“, рече Стаци Грубер, директорка на програмата „Истраги за марихуана за невронаучно откритие“ во болницата Меклин во Масачусетс за „Вашингтон пост“. Растението е „неверојатно сложено на најневеројатен начин“. Ефектот на канабисот исто така може да варира во зависност од тоа како го внесувате. Кога пушите или „вајпате“ канабис, билката може да се метаболизира во телото за „моменти до минути“, рече Грубер. Може да потрае 45 минути или повеќе за некој да ги почувствува ефектите од конзумирањето канабис преку јадење, а времето ќе зависи од она што е веќе во вашиот стомак.

Како што објавува „Healthline“, најчесто пријавуваните бенефити од користењето канабис се зголеменото чувство на смиреност, зголемената релаксираност и полесното спиење, а корисниците на канабис исто така изјавиле дека пушењето им помага за совладување на стравот од јавни настапи, социјалната анкциозност, ПТСД, панични напади и нередовно спиење поради вознемиреност.

Но, не секој добива ист „хај“. Вашата возраст, колку често користите канабис, колку сте чувствителни на THC и колку брзо можете да го метаболизирате канабисот, сето тоа е фактор во тоа како влијае на вас. „Сите ние драматично се разликуваме“, вели Брајон Адиноф, клинички професор по психијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Колорадо и претседател на групата за застапување Доктори за регулирање на канабисот цитиран во „Вашингтон пост“. „Постојат многу работи кои влијаат на тоа како реагираме на канабисот“.

Канабисот има различни ефекти при помали дози од високи дози. Општо земено, ниските дози на THC добро се поднесуваат, стимулирајќи го ослободувањето на допамин, а повисоките дози на THC може да предизвикаат луѓето да се чувствуваат вознемирени, смета Питер Гринспун, лекар од примарната здравствена заштита во Општата болница во Масачусетс и автор на „Seeing Through The Smoke “, книга која ги разгледува најновите медицински истражувања за канабисот.

„Главниот начин на кој можете да имате лошо искуство со канабисот е да користите превисока доза и да станете многу, многу вознемирени“, вели Гринспун за „Вашинтон пост“. „Има некои пациенти кои воопшто не можат да го користат, дури ни малку, затоа што секое малку ги прави вознемирени“.

Канабисот влијае практично на секоја нервна врска во мозокот, дури и повеќе од стимулансите како што се кокаинот и опиоидите, рече Џуди Гризел, професорка по психологија на Универзитетот Бакнел и авторка на „Никогаш доволно: Невронаука и искуство на зависноста“. Тоа, пак, значи дека канабисот може да предизвика широк спектар на реакции, во зависност од личноста, рече таа.

„Ќе ја зголеми јачината на сè“, рече Гризел за „Вашингон пост“, поради што храната има подобар вкус, а музиката им звучи подобро на некои луѓе кога се напушени. Многу луѓе се колнат во смирувачкиот ефект на тревата, но Гризел рече дека се чини дека нема „молекуларна причина“ зошто THC би ги ублажила нечии чувства на анксиозност или стрес. Наместо тоа, луѓето може да почувствуваат смирувачки или релаксирачки ефект бидејќи лекот може да го подобри тоа како веќе се чувствувате.

Ако користите канабис во „убав, сончев ведар ден“, рече Гризел, тогаш тревата ќе го подобри мекиот, релаксирачки амбиент. Ова исто така значи дека за оние кои се чувствуваат вознемирени, канабисот може да ги направи почувствителни на стрес или склони кон параноја.

„Кога пушите, секоја синапса одекнува, што значи дека сè е засилено“, рече Гризел. „Ниското ниво, можеби и незабележително ниво на анксиозноста со која се соочувате на работа или училиште, или размислувате за глобалните климатски промени или што и да е, тие работи исто така се зајакнати“.

Поради таквите причини многу уживатели на канабис кажуваат дека за нив оваа билка има спротивни ефекти од промовираните, дека може да ги смири во стресни ситуации. „Healthline“ објавува дека помеѓу негативни ефекти пријавени од корисниците на канабис се и зголемениот пулс, потење, вознемиреност, проблеми со концентрација или кратко помнење, параноја, халуцинации и намалена мотивација.

Децениските клинички истражувања покажаа дека THC може негативно да влијае на мозокот во развој, а редовната употреба на канабис во тинејџерските години е поврзана со поголема веројатност за развој на анксиозност и депресија подоцна во животот.

„Пушењето рано може да катализира анксиозност и депресија“, рече Гризел. „Се уште не е целосно јасно како се случува тоа, но доказите за тоа се многу силни“. Редовното пушење канабис во подолг временски период ќе го промени начинот на кој вашиот мозок реагира на билката, велат експертите. Честата и продолжена употреба може да резултира со намалување на бројот на канабиноидни рецептори, поради што луѓето може да почнат да чувствуваат помалку ефекти од тревата со текот на времето.

CBD има слична структура на THC, но не влијае делот од мозокот кој прави да се чувствуваме добро на ист начин, што значи дека има помал ризик за злоупотреба, вели Грубер. Има се поголем број истражувања кои поддржуваат дека CBD може да ја намали анксиозноста или стресот.

„Постојат сè повеќе докази дека, барем за некои поединци, има апсолутно одредена клиничка корист“, рече Грубер. „Сигурно ни требаат повеќе податоци, кои многу се трудиме да ги собереме“. Една мала студија објавена минатата година сугерира дека канабисот со еднакви делови на CBD и THC може да предизвика помала вознемиреност од тревата која има доминантно ниво на THC.

Редовната употреба на CBD може да влијае на тоа како другите лекови се метаболизираат во телото, така што луѓето треба да проверат кај лекар или фармацевт со познавање на канабисот доколку користат други лекови.

Од друга страна резултатите од истражувањата за ефектите на канабисот за помагање на пациентите со хронични болки се далеку попозитивни. „WebMD“ објавуви истражување во кое се посочува дека синтетичките производи од канабис кои содржат поголемо количество на THC во споредба со CBD позитивно делуваат на намалување на болките кај пациентите со хронични болки. Производите на канабис со приближно еднакво ниво на THC со CBD, сепак не го дале истиот резултат и со ваквите производи намалувањето на болките било незначително.

Лекарите велат дека „вајпањето“ канабис е побезбедно од пушењето. Согорувањето на канабис и дишењето на чадот ве изложуваат на токсични хемикалии од согорувањето кои можат да ги оштетат вашите бели дробови. Испарувачите, познати како пенкала, го загреваат канабисот во аеросол без да го согорат растението или маслото. На тој начин не ги добивате сите нуспроизводи од согорување како катран, бензен и полициклични ароматични јаглеводороди.

За некои, тревата никогаш нема да биде пријатна, велат експертите. Тоа е истата причина зошто луѓето не пијат алкохол или кофеин; едноставно не им се допаѓа како тоа ги прави да се чувствуваат.

Најново

Последни колумни