„Purple Rain“ оживува на Бродвеј: Легендарниот филм на Принс станува мјузикл

Премиерата е закажана за април 2027 година, а на сцената ќе оживеат најголемите хитови на музичката легенда.

Култниот филм „Purple Rain“ на Prince добива бродвејска адаптација. Мјузиклот ќе почне со изведби на 12 март 2027 година во њујоршкиот Majestic Theatre, додека официјалната премиера е закажана за 12 април. Претставата ќе ги вклучи некои од најголемите хитови на Принс, меѓу кои „Purple Rain“, „When Doves Cry“, „I Would Die 4 U“ и „Take Me with You“.

За новата продукција е ангажиран целосно нов креативен тим. Режијата ја потпишува Сахим Али, а либретото Питер Дачен. Светската премиера на мјузиклот се одржа минатата година во Минеаполис, градот од кој потекнува Принс.

Во продукцијата како музички советници учествуваат Боби З и Морис Хејс, долгогодишни соработници на Принс, додека главен продуцент е Орин Волф.

Мјузиклот ја следи приказната од филмот „Purple Rain“ (1984), во кој Принс го толкуваше ликот на младиот музичар познат како „The Kid“, кој се обидува да успее на музичката сцена додека се соочува со лични и семејни предизвици, љубовна приказна и музичко ривалство. Филмот му донесе на Принс и Оскар за најдобра оригинална музика, а неговиот саундтрак и денес се смета за едно од највлијателните музички изданија во поп-културата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс