Во ходникот на Првото техничко училиште во Крагуевац утринава околу 8 часот дошло до пукање во кое се повредени две лица, а полицијата го совладала и уапсила 17-годишниот ученик осомничен за нападот. Според соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, едно лице е рането најверојатно од огнено оружје, додека второто се здобило со повреди од пукање на стакло. Сите ученици во училиштето се неповредени.
Припадниците на Полициската управа во Крагуевац веднаш по пријавата излегле на терен и го привеле 17-годишниот ученик на истата образовна установа. Осомничениот во холот на училиштето употребил малокалибарска пушка.
Полициските екипи сè уште вршат увид на местото на настанот и ги утврдуваат сите околности под кои се случил инцидентот. Како што неофицијално објавува телевизијата N1, двете повредени лица се помошни работнички вработени во училиштето.
Директорот на Првото техничко училиште во Крагуевац, Немања Јоксимовиќ, изјави дека инцидентот се случил за време на првиот училиштен час, што овозможило учениците брзо и безбедно да ја напуштат зградата. Тој потврди дека станува збор за ученик од четврта година со кого претходно немало дисциплински проблеми.
„Со брза реакција на МВР ученикот е уапсен. Ранета е една колешка која не е животно загрозена. И понатаму ја следиме ситуацијата и ќе се потрудиме што поскоро да ја нормализираме наставата“, изјави Јоксимовиќ.
Веднаш по информацијата за пукањето, во Министерството за просвета на Србија е формиран Кризен штаб, а специјален тим на институцијата веднаш се упатил кон училиштето во Крагуевац.
Министерот за просвета во технички мандат, Дејан Вук Станковиќ, остварил разговори со раководителот на Школската управа во Крагуевац и со градоначалникот на Крагуевац, Никола Дашиќ, со цел координација на институционалната реакција и поддршка за вработените и учениците. Повеќе детали за мотивите и текот на настанот се очекуваат по завршувањето на полицискиот увид.
