Во Монтажна галерија на 16 јуни, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложба на постери и графики на Кристијан Новковски.
Изложбата претставува петгодишно патување низ мистични соништа, психоделични простори и визуелни светови во кои реалното постојано се судира со надреалното.
Низ секое дело, линија и форма, Новковски создава автентичен визуелен универзум во кој човековото тело, предметите и појавите постојано метаморфозираат во нови облици.
Композициите бараат внимателно набљудување и целосно втурнување во нивниот свет, бидејќи во секоја од нив се кријат детали, симболи и микросветови што отвораат нови доживувања.
Хипнотичкиот визуелен јазик на авторот се гради преку остар контраст, смел колорит и јасна, прецизна линија, која ја носи целата атмосфера на делото.
Оваа изложба не е само ретроспектива на петгодишното творештво на Новковски, туку и порив за нови визуелни истражувања, надвор од секојдневното и очекуваното.
Музичката селекција за вечерта е на Бојан Шашевски – Шаше.