Американскиот воен поручник Томас Селфриџ влегол во историјата на 17 септември 1908 година како првата жртва во воздухопловна несреќа, откако експерименталниот авион со кој управувал Орвил Рајт се урнал при тест во базата Форт Мајер. Падот од педесетина метри висина предизвикал пресврт во безбедноста на летовите и ја наметнал заштитната опрема како стандарден дел од опремата на секој воен пилот.
Летот над воената база во Вирџинија бил замислен како демонстрација на новата летала пред претставниците на американската војска. Наместо рутинска вежба, тестот се претворил во катастрофа. На околу педесет метри над земјата, на авионот ненадејно му откажал десниот пропелер.
Двокрилецот ја загубил рамнотежата и почнал неконтролирано да паѓа. Иако Рајт се обидувал да воспостави контрола и да го израмни летот, машината удрила директно во тлото.
Селфриџ, кој бил само патник и воен набљудувач, при силниот удар со главата удрил во дрвената конструкција и веднаш изгубил свест. При падот, двајцата мажи биле исфрлени од остатоците на леталото.
Рајт се здобил со скршеници на ребрата, колкот и бутната коска, но успеал да преживее по седумнеделен престој во болница. За Селфриџ, тричасовната операција завршила трагично. Тој починал истата вечер од тешки повреди на черепот.
Лекарите и воените набљудувачи тогаш процениле дека поручникот веројатно ќе останел жив доколку носел каква било цврста заштита на главата.
Воздухопловството во тие пионерски години функционирало практично без заштитни норми. Пилотите тогаш летале со обични платнени капи чија единствена цел била да го запрат ветерот.
По оваа трагедија, воената команда веднаш вовела ново правило. Било наредено задолжително носење тврди заштитни шлемови при сите тест-летови и воени обуки. Таа практика директно влијаела врз развојот на опремата што воздухопловците ја користеле сè до завршувањето на Втората светска војна.
Томас Селфриџ важел за еден од најталентираните воени инженери на своето време. Роден во Сан Франциско во 1882 година во воено семејство, дипломирал на академијата Вест Поинт во 1903 година, токму кога браќата Рајт го извеле својот прв успешен лет.
Пред да се качи во авионот со Рајт, Селфриџ експериментирал и со Александар Греам Бел на развој на летачки змејови и нови погонски системи.
Неговата смрт на 26-годишна возраст го потресла инжинерскиот свет, но неговото име продолжило да живее низ историјата. Американската војска подоцна во негова чест ја именувала воздухопловната база во Мичиген, оставајќи траен спомен за првиот човек што го загубил животот во авионска несреќа.