Младите и во Белгија излегоа на улица: Високото образование станува луксуз за студентите

Полицијата употреби водени топови и солзавец во Брисел откако незадоволството од трошоците и реформите прерасна во судири

Неколку стотици претежно млади луѓе протестираа денеска низ централните улици на Брисел, барајќи запирање на образовните реформи што го поскапуваат студирањето и го ограничуваат пристапот до факултетите. Мирниот собир прерасна во судири со полицијата, која употреби солзавец и водени топови откако дел од демонстрантите превртеа автомобил. Бранот на студентско незадоволство во Белгија се надоврзува на масовните протести во соседна Франција, претворајќи го социјалниот притисок во регионален отпор против намалувањето на јавните трошоци за младите.

Белгиските студенти јасно порачаа дека најавените мерки ќе го направат високото образование достапно само за привилегираните. Освен во Брисел, револт покажаа и младите во Лиеж, каде што уште на почетокот на месецов имаше собири поради кризата во франкофонскиот образовен систем. Нивните главни поплаки се насочени кон растот на школарините, скапите учебници и отежнатиот пристап до основните наставни материјали.

Полицијата реагираше со водени топови и солзавец откако група маскирани лица влегоа во директен судир со безбедносните сили во центарот на градот, превртувајќи возило и извикувајќи антифашистички пароли.

Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Кентин веднаш се огласи на социјалната мрежа Икс, оценувајќи ја ситуацијата како сериозно нарушување на јавниот ред.

„Ова што се случува во Брисел веќе не е обичен протест. Ќе се употребат сите потребни средства за да се воспостави ред и да им се застане на патот на изгредниците“, напиша Кентин.

Ваквата остра институционална реторика доаѓа во момент кога властите стравуваат од прелевање на француското сценарио, каде што над 32.000 луѓе веќе со недели маршираат низ градовите.


Случувањата во срцето на Европската Унија испраќаат директен сигнал за кризата на јавното финансирање, тема со која живеат сите млади на континетот. Француските немири, кои започнаа минатиот месец поради состојбите во училиштата, набрзина се трансформираа во широк социјален фронт за заштита на животниот стандард и јавните услуги. Бриселскиот протест потврдува дека тензијата околу цената на образованието веќе нема само локален карактер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс