Најмалку 47 лица побарале медицинска помош по масовните антивладини протести во Тирана, соопшти албанското Министерство за здравство и социјална заштита. Според последниот биланс, објавен за состојбата до 21 часот, петмина од повредените биле задржани во Универзитетската трауматолошка болница.
Меѓу повредените има полицајци, новинари и пратеник
Во Универзитетската трауматолошка болница медицинска помош побарале 36 лица: 12 полицајци, 14 демонстранти, шест новинари и четворица минувачи. Од нив, еден полицаец, тројца демонстранти и еден новинар биле задржани на болничко лекување. Останатите биле пуштени по укажаната медицинска помош и со препорака од лекарите.
Во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ биле примени уште 11 повредени: осум полицајци, еден демонстрант, еден припадник на обезбедувањето и еден пратеник. Сите биле пуштени по укажаната медицинска помош.
Судири со полицијата и употреба на солзавец и водени топови
Протестот во Тирана, организиран на Денот на независноста на Албанија, започнал мирно, но подоцна ескалирал во судири со полицијата. Дел од демонстрантите фрлале камења и молотови коктели кон полициските сили и државните институции, а полицијата употребила солзавец и водени топови за да ги растера насобраните.
Според извештаите од теренот, оштетени биле и објекти на државни институции, меѓу кои Министерството за животна средина, Банката на Албанија и Градското собрание на Тирана. На протестот учествувале илјадници граѓани од различни делови на земјата, студенти и Албанци од дијаспората. Демонстрантите барале оставка од премиерот Еди Рама и пошироки политички промени.
Рама на концерт во Валона за Денот на независноста
Додека во Тирана траеле протестите и судирите, премиерот Еди Рама објавил видеоснимка од концерт на Плоштадот на знамето во Валона, организиран по повод 114-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија.
Протестите се дел од поширокото незадоволство од владеењето на Рама, а барањата на демонстрантите вклучуваат борба против корупцијата, подобри услови за живот, вработување, образование и здравство.
Незадоволството дополнително се засили по контроверзиите околу планираниот туристички проект на јужниот албански брег, поврзан со инвестициска компанија основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Протестите, кои првично беа насочени против проектот, постепено прераснаа во пошироко движење со барање за оставка на премиерот.
