Илјадници студенти, граѓани и воени ветерани се собраа во Краљево, само еден ден откако српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во следните неколку недели ќе поднесе оставка и ќе отвори пат за предвремени избори.
Протестот, организиран под мотото „Сè се открива на Видовден“, се одржа на Плоштадот на српските воини, во атмосфера на високи температури и силна политичка напнатост.
Дел од студентите до Краљево пешачеле повеќе од 40 километри од Крагуевац, додека други пристигнале во штафетна трка од Чачак преку манастирот Жича.
Бараат фер избори, слободни институции и владеење на правото
Насобраните граѓани побараа владеење на правото, борба против корупцијата, слободни институции и фер избори.
Студентските претставници порачаа дека протестите нема да запрат само поради најавата за оставка, сè додека не бидат спроведени вистински политички и институционални промени.
На собирот се обратија и воени ветерани.
Владaн Веселиновиќ, поранешен припадник на 63. падобранска бригада, порача дека татковината не се брани со молчење, туку со вистина и отпор кон притисоците врз критички настроените граѓани.
Минута молчење за жртвите во Нови Сад
Демонстрантите одржаа минута молчење за 16-те жртви во уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година.
Трагедијата беше повод за студентските антикорупциски протести, кои со месеци ја тресат Србија и прераснаа во едно од најголемите протестни движења во земјата по падот на Слободан Милошевиќ.
Најавата за оставка не ја смири политичката криза
Вучиќ во саботата пред своите поддржувачи во Белград изјави дека ќе остане претседател уште неколку недели, по што ќе поднесе оставка.
Тој не соопшти точен датум, но најави предвремени претседателски и парламентарни избори.
Дел од демонстрантите и политичките аналитичари се сомневаат дека заминувањето од претседателската функција ќе значи и вистинско повлекување на Вучиќ од власта.
Тој веќе навести дека може да се кандидира за премиер, поради што студентското движење најавува продолжување на притисокот до распишување слободни и фер избори.
„Борбата не е само против една функција“
Протестот во Краљево покажа дека најавата за оставка не ја затвори политичката криза во Србија.
Напротив, студентите порачуваат дека нивната борба не е насочена само кон една функција или еден политичар, туку кон системот за кој тврдат дека ги заробил институциите и ја потиснал одговорноста.