Слаб одѕив на GenZ протестите во Германија, но пораката останува: Образование наместо војна

Наместо најавените 180 илјади луѓе, на улиците излегоа околу 6.000 демонстранти барајќи пониски трошоци и стоп за задолжителниот воен рок.

Иако организаторите најавуваа масовен притисок врз германските власти, собирите на младите од Генерација Z во саботата поминаа со значително помал одѕив од очекуваниот. Илјадници демонстранти во Берлин, Минхен, Франкфурт и Келн побараа суштински реформи во образованието, заштита на животниот стандард и укинување на воената обврска. Сепак, германската полиција регистрираше околу 6.000 учесници во најголемите градови, додека организаторите наведуваат дека на национално ниво излегле 36.000 млади луѓе.

Движењето под име „Генерација Z уредува“ (Gen Z regelt) преку социјалните мрежи најавуваше собир на повеќе од 180.000 млади луѓе во над 30 градови. Реалноста на плоштадите покажа сосем поинаква слика. Полициските извештаи од Берлин, Франкфурт и Минхен наведуваат само околу 6.000 присутни, додека платформата на организаторите подоцна соопшти бројка од вкупно 36.000 учесници низ целата земја.

Бранденбуршката порта во Берлин собра неколку илјади млади кои носеа транспаренти со барања за поголеми буџети за училиштата и универзитетите, достапно домување и укинување на најавите за враќање на задолжителниот воен рок.

Иако атмосферата во повеќето градови беше мирна, властите интервенираа на неколку локации. Во Келн полицијата целосно го забрани движењето на протестната маршута и го ограничи собирот само на еден плоштад, откако дел од присутните ги покрија своите лица и употребија пиротехнички средства.

Сличен инцидент се случи и во Штутгарт. Таму полициските сили го запреа протестот за да ги изолираат и легитимираат маскираните лица. Безбедносните служби уште претходно предупредуваа на можни обиди на екстремистички групи да ги искористат собирите, но поголеми ескалации не беа регистрирани.

Деновите пред протестот поминаа во тензична атмосфера поради предупредувањата во медиумите дека Германија може да се соочи со насилните сцени што претходно ја зафатија Франција. Германскиот весник „Билд“ објави дека во продавниците за градежен материјал во Берлин снемало дрвени плочи, откако сопствениците на луксузни дуќани превентивно ги заковаа своите излози.


Сепак, официјалните претставници смируваа уште пред почетокот на протестите. Министерот за внатрешни работи на покраината Хесен, Роман Посек, изјави дека немирите од Франција не претставуваат модел за младите што се собираат во германските градови. Дополнително, добар дел од трговските објекти низ Германија останаа затворени поради одбележувањето на Денот на реформацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс