Нов протест во Струмица: Земјоделците бараат подобри цени за пиперката

И покрај најавите за минорно зголемување на откупната цена, производителите на куртовската капија продолжуваат со блокадите.

Струмичките земјоделци утре организираат нов масовен протест со блокада пред Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Струмица. Иако Месното здружение на млади Муртино информираше за мало зголемување на откупните цени на пиперката куртовска капија по средбата со ресорниот министер, производителите порачуваат дека не отстапуваат. Блокадите продолжуваат сè додека не се постигне официјален договор за одржливи откупни цени што ги покриваат трошоците за производство.

Информацијата за благото зголемување на откупната цена доаѓа директно од средбата со министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, кој одржа неколку состаноци со сопствениците на преработувачките капацитети. Сепак, од Здружението истакнуваат дека предложената цена е само минорно поместување кое не ги задоволува реалните потреби на земјоделските производители.

Според производителите, моменталните понуди едвај го одржуваат земјоделството во живот. За да овозможат достоинствен живот и да обезбедат средства за вложување во следната реколта, тие бараат фер и перспективни цени што во целост ќе ги покријат зголемените трошоци за гориво, ѓубрива и заштитни средства.

Протестот е закажан за утре, понеделник, со почеток во 11:00 часот, а поддршка и учество најавија земјоделци од голем број населени места во Струмичкиот Регион. Меѓу нив се производителите од Муртино, Банско, Сачево, Свидовица, Куклиш, Робово, Дабиле, Босилово, Еднокуќево, Петралинци, Бориево, Моноспитово, Просениково, Василево, Пиперево, Добрејци, Сарај, Владевци, Нова Маала, Добрашинци, Ангелци, Вељуса, Гечерлија и Градско.

Земјоделците порачуваат дека нема да ги прекинат блокадите сè додека не дојде до официјализирање на договорот што ќе гарантира стабилност во откупот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс