Студентското движење во Србија ги повика граѓаните на голем протестен собир на белградскиот плоштад Славија, како дел од кампањата „Студентите победуваат“, со која се бара распишување вонредни парламентарни избори и демократизација на земјата.
Собирањето започна во текот на денот од 13 часот на четири локации во Белград, а централниот протест на Славија е најавен од 18 до 20 часот, објавија студентите на Инстаграм.
Во меѓувреме, „Инфраструктура железници Србија“ соопшти дека дежурните диспечери во раните утрински часови примиле анонимна дојава за експлозивни направи во сите пристигнувачки возови и депоа, поради што железничкиот сообраќај бил запрен.
Студентите во блокада веќе подолг период организираат протести и блокади, барајќи политичка одговорност, институционални промени и избори. Денешниот собир на Славија се очекува да биде еден од поголемите протестни настани во рамки на нивната кампања.