По повеќе децении заборав, во архивата на Универзитетот Јејл во САД е пронајден долго изгубениот ракопис на Кијоши Танимото, човек кој го преживеал атомското бомбардирање на Хирошима и станал еден од најпознатите сведоци на трагедијата. Мемоарите, напишани пред речиси осум децении, ќе бидат објавени на 6 август 2026 година, точно на годишнината од нуклеарниот напад врз јапонскиот град.
Танимото бил методистички свештеник кој на 6 август 1945 година случајно се нашол надвор од центарот на Хирошима и така ја избегнал непосредната смрт. Во моментот на експлозијата помагал во пренесување мебел во периферијата на градот. Откако ја видел огромната печурка од чад и пламен, се вратил во разрушената Хирошима, каде што се соочил со сцени кои подоцна ќе ги опише како незамисливи.
Во мемоарите на околу 230 страници, Танимото сведочи за уништените улици, луѓето со тешки изгореници, црниот радиоактивен дожд што паѓал по експлозијата и очајничките обиди на преживеаните да најдат вода и помош. Според делови од ракописот, тој бил сведок на „свет што никогаш претходно не бил виден ниту замислен“.
Ракописот бил откриен меѓу документите на американскиот новинар и добитник на Пулицерова награда Џон Херси, автор на прочуената книга „Хирошима“ од 1946 година. Херси се запознал со Танимото само осум месеци по бомбардирањето и токму неговата приказна станала една од централните во книгата што му го претстави ужасот од атомската бомба на светската јавност.
Ќерката на Танимото, Коко Танимото Кондо, која денес има 81 година, ќе напише предговор за изданието. Таа вели дека нејзиниот татко верувал оти сведоштвото мора да биде зачувано за идните генерации никогаш да не доживеат слична катастрофа. Во предговорот нагласува дека „сеќавањето е нашата надеж за опстанок како човечки суштества“.
Објавувањето на мемоарите доаѓа во време кога во светот повторно се водат дебати за нуклеарното оружје и глобалната безбедност. Продуцентот Доналд Розенфелд оцени дека сведоштвата од Хирошима денес се особено актуелни поради современите геополитички тензии и заканите од нуклеарна ескалација.
Покрај книгата, приказната на Танимото ќе биде основа и за игран филм со наслов „Хирошима, 8:15“, именуван според точниот момент кога бомбата била фрлена врз градот. Во филмот улогата на Танимото ќе ја толкува јапонскиот актер Такехиро Хира, а снимањето е планирано за 2027 година.
Атомската бомба врз Хирошима беше фрлена на 6 август 1945 година, а три дена подоцна следуваше и нападот врз Нагасаки. Се проценува дека во првите денови по нападите загинале повеќе од 190.000 луѓе, додека последиците од радијацијата продолжиле да одземаат животи со години.