Search

Професор доктор Миодраг Врчаковски: Не можеме да го изгубиме идентитетот, тој е во нашите души

Професор Миодраг Врчаковски е врвен неврорадиолог и музичар. Во слободно време тој е писател и радио водител, а речиси секогаш критичар на општествените движења. Опимист кој ја раздава својата душа и својата позитивна енергија. Со професорот Врчаковски разговараме за неговата љубов кон медицината и музиката, за градот кој го сака и иднината на земјата во која живее.

ТРН :Миодраг Врчаковски, лекар, музичар, писател? Или од сите по  малку?

Професор Врчаковски: Прва во мене се роди љубовта кон докторската професија. Се раѓаше тивко, спонтано, ненаметливо низ годините што минуваа и никогaш нема да згасне. Ја наследив од моите родители. Татко ми Радивој беше доктор Фтизиолог, жесток борец против туберкулозата, а мајка ми Катерина медицинска сестра со срце на Мајка Тереза. Љубовта кон пишувањето текстови и кон музијата се роди подоцна, во седумдесетите години и е моја верна придружничка се до денешен ден. Две љубови во едно срце. Живеат со мене во нераскинлива хармонија. Ме следат на секој чекор.

ТРН: Заминавте од јавното здравство, но и останавте верен на медицината и на вашите пациенти. Врвен сте во вашата професија како Неврорадиолог. Што би им порачале на помладите колеги?

Професор Врчаковски: Дозволете ми ова да ви го објаснам на мој начин, со мојот текст од песната Докторска балада:

“Да бидеш доктор значи да имаш душа ко море,

Срце што љубов зрачи, доктори главата горе”!

Да бидеш вистински доктор значи да се жртвуваш себеси, да им се посветиш на пациентите со сета своја душа и срце во секое време од денот и ноќта. Мојата професија е занает кој не се учи прек ноќ, иако што тоа денес се прави. Потребна е посветеност, упорност, воља и огромна љубов пред се, љубов да нурнеш во тајните на медицината, да учиш, да истражуваш и откриваш сиот свој живот. Моите млади колеги треба да знаат дека успехот во животот и во професијата зависи од само еден единствен човек, од нас самите и не постои сила која може да не спречи во тоа. Луѓе мои, верувајте во себе, се зависи од вас. Не чекајте, вашата судбина е во ваши раце.

Здравството мора да се ослободи од канџите на политиката

TРН: Се движи ли јавното здравство напред заедно со светските трендови или?

Професор Врчакосвки: Во 2005 год. Во Универзалната сала во Скопје се случи премиерата на мојот мјузикал Докторска одисеја 2005. Тоа беше музички настан на годината. Дваесет и пет мои песни во кои се опеани сите актуелни настани во македонското здравство од тоа време. Дел од нив ставив и на Јутјуб и можат да се најдат како “Докторска одисеја 2005”. Слушнете ја  песната “Министерска фотеља”  со Драган Спасовски Дац и вие кажете ми дали постои некаква разлика во случувањата во здравството од тогаш до сега… Нема разлика, сè е исто како некогаш. Но, да бидеме реални. Времето и модерната медицинска технологија направија, и се уште прават неверојатен дијагностички бум и прогрес. Следејки ги модерните светски трендови сега и кај нас имаме можности за дијагностицирање и лекување какви што некогаш сме можеле само да сонуваме. Но, честите промени на власта, партиските влијанија и шеми во здравството и несоодветните кадровски решенија деструктивно делуваат на кохезијата на нашиот здравствен систем. Здравството мора да се ослободи од канџите на политиката, мора да го водат наједуцираните, најдобрите, најискусните и најспособните здравствени авторитети… Друга солуција нема!

ТРН: Што ве прави среќен во последно време?

Професор Врчаковски: Можеби подобро би било прашањето што ме прави среќен во секое време… Ха, ха, ха… Живеењето е уметност, највистинската, највозвишената и најдрагоцената. Уметност е и дарбата да го пронајдеш патот до среќата, патот до своето срце. Држете ги широко отворени вашите очи и чекорете низ времето. Секој нов ден е нова среќа, ново блескаво камче во мозаикот на животот. Мојата среќа нема граници. Но, дефинитивно епицентарот на мојата среќа и изворот на мојата креативност е моето семејно гнездо, мојата сопруга Софија, белег на Македонското радио, врвна артистка и интерпретаторка на стихови на најпознатите македонски поети и писатели, како и синовите Раде Врчак, мојот докторски и музички наследник и помладиот син Војдан, компјутерски експерт кој сега работи во Њујорк. Уживам во мојата докторска професија. Се топам од среќа.. Сакам на сите да им помогнам. Ме прават среќни моите стручни презентации кои преку Јутјуб, Линкедин и мојот вебсајт easyneuroradiology.com ги презентирам секаде низ светот зашто моето животно мото гласи: „Ајде, ние да го учиме светот!“ Уживам во музиката, во текстовите што ги пишувам, во сонговите што ги правам.

Уживам и во создавањето на мојата радио емисија Соул Рели, која секоја недела се емитува на брановите на Антена 5 радио полни 18 години. Деновиве ја подготвувам новогодишната 965 радио епизода и среќен сум. И не ми треба никој, сам правам се, кај мене дома. Сакам да бидам релејот преку кој мојата духовна енергија и среќа ќе им ја пренесе на сите оние што ме слушаат. Да ги расположам и релаксирам. Да ги направам среќни. Уверете се и самите во тоа. Слушајте ме во недела. Започнувам со најавата “Срдечни поздрави од најрадиоактивниот Балкански доктор и Д.Ј. Миодраг Врчаковски Миле”. И знајте дека љубовта се множи со делење!

ТРН: Зошто не успева македонската музичка сцена денеска да продуцира хитови и музичари кои би се пробиле на светските топ листи?

Професор Врчаковски: Живееме во прекрасна мала но славна библиска држава, бисерно балканско зрнце кое со сите сили се обидува да си го пронајде својот пат до срцето на Европа, очекувајќи решение и спас за сите наши проблеми , па и за музичките.

Но знајте дека успехот на македонската музика не зависи од никаков надворешен фактор.  Зависи само и исклучиво од менталниот капацитет, духовната енергија и креативност на секој наш поединец. Немојте да ми кажувате дека некој не блокира, ни прави ембарго, дека некој од надвор не нè сака. На музиката не и трабаат пасоши, ниту наши ниту Бугарски, не и требаат  ниту визи, за неа не постојат гранични и царински контроли. Музиката не познава граници. Ако е така, а така е, ве прашувам кој нас нè блокира на музички план? Кој ни забранува музички да го освоиме светот? Одговорот е едноставен и многу логичен: Виновници сме самите ние. Ние сами се блокираме! Не сме доволно инвентивни и креативни. А виновна ни е и државата, имам впечаток дека не е заинтересирана за поагресивна музичка поддршка, стимулација и афирмација на нашите музички автори и на Македонската музика во државата и во светот. Имам впечаток дека и партиските кујни и  политиката се виновни за тоа. Ги пика прстите кај што воопшто не и е место. Резултатот се знае. Нема национална стратегија. Па, затоа мојата денешна порака гласи: Драги мои креатори на  Македонската музика не барајте помош од никого.

Клучот на успехот се крие во вас. Нурнете се во длабочините на вашите души  и обидете се на герданот на вечноста да ги нанижете најволшебните тонови и ноти што ќе ги откриете во вас. Знам дека можете.. Бидете упорни и ќе успеете. Верувајте во себе.

ТРН: Каква музика слушате вие?

Професор Врчаковски:  Ја сакам музиката на срцето. Онаа која веднаш ме препознава, која веднаш влегува но мојата душа и останува во неа засекогаш. Онаа која го поседува кодот на вечноста. Ако навистина сакате да дознаете каква музика сакам, побарајте ме на Јутјуб. Напишете Македонски Музички бисери на текстови од Миодраг Врчаковски.

Ке се изненадите колку песни со мои текстови ќе откриете. Четири часа музика! Голем дел од нив се Македонски евергрини.

Непријателите се доказ за вашите вредности

TРН: Скопје денес, многу поразлично од едно Скопје од вашата младост. Што изгуби а што доби градот последната деценија?

Професор Врчакосвки: Го нема повеќе градот од мојата младост. Од времето на скопското корзо, од времето на првите журки и првите љубови со хитовите на Битлси,Ролингстонски и Шедоуси.Исчезна во прашината од замјотресот во 1963 година.

Бев сведок на таа катастрофа. Руменилото на штотуку разбудената зора  исчезна во облаците прашина  од зградите што се рушеа и повторно настана мрак. Но Скопје повторно се роди, се крена од урнатините, стана град на солидарноста. Изградивме ново модерно Скопје. Денес сме сведоци на една нова Скопска катастрофа.Катастрофа наречена градежна експанзија, урбанизација, урбана мафија, бетонизација, стиропоризација, аерозагадување, глад за воздух, сообраќајна хаотизација, партизација, провинцијализација. Неможам да си го препознаам градот. Ми недостасува мудроста на луѓето со кои некогаш Скопје се гордееше. Ова ли е мојот град, моето Скопје?

Сакам да живеам во Скопје во кое сите се познаваат и почитуваат, во Скопје град на пријателите и еснафите, град на пешаците и велосипедистите. Чист,гасифициран, незагаден градво кој метрото и електричните возила ќе бидат главните превозни средства. Многу ми е жал што докторот во мене неможе да го излекува градот, но поетот во мене може да му посвети барем еден стих…..

                        „Во кого ли, вљубен сум толку

                        Би сакала ноќта да праша

                        Мојата љубов е Скопје

                        И моја и твоја и ваша“

TРН: Kaко да ги научиме Македонците да се сакаат себе си повеќе?

Професор Врчаковски: Ние Македонците навистина многу си се сакаме, но сме сме свесни за тоа. За да бидеш вистински човек, да бидеш сакан, да бидеш свој, да ги сакаш другите неопходно е да победиш еден многу опасен непријател. Неопходно е да се победиш себе си. Своите болни амбиции, страсти, осветољубивост, алчност, желба да грабнеш пари, желба ти да бидеш прв, а за другите ич да не ти е гајле. Кога човек ќе се надмине себе си, ќе се постави над овие негативности грозни, ќе го гледа светот со сосема поинакви очи. Искрени очи, очи топли и со кои непријателите ги гледаш со љубов и среќа не да им наштетиш туку да им направи добро. Тоа е мојата животна филозофија и тоа јас  постојано го правам. Со добрина кон сите. Ќе ти задаваат удари, нека задаваат, но мене тоа не ме засега и на оној кој ќе го зададе ударот јас гледам со широко отворени очи и крајна симпатија. Непријателите се доказ за вашите вредности. Сфатете ги како многу драгоцени.

TРН:Kaде ја гледате Македонија за десетина години?

Професор Врчаковски: Иднината на Македонија зависи од интелектуалниот капацитет на граѓаните на Република Македонија. До иднината се стигнува преку минатото. Ако имате вистинско минато вие ќе имате и иднина, ама таа ние си ја создаваме самите. Од нас зависи, не зависи од никој друг. Македонскиот идентитет ќе го изгубиме ли? Тоа е општа тема сега или нема да го изгубиме. А бе луѓе божји, никогаш македонскиот идентитет нема да се изгуби, затоа што нашиот идентитет е во мојата душа. Во нашите души. Јас сум Македонија, ти си Македонија, сите сме Македонија. Иднината на Македонија и идентитетот зависи од интелектуалниот капацитет на граѓаните на република Македонија. Ако творите ако создавате, кој може да ве спречи да го освоите целиот свет со своето умеење и знаење? Својата уметност да ја префрлите на било кој дел од континентот? Апсолутно никој. И вие сте Македонија. И тогаш ќе кажат ова е тој, доаѓа од Македонија. Го губам идентитетот? Знаете најмногу се губи идентитетот во меѓусебната борба меѓу -партиска.

Најново

Последни колумни