Продажбата на паметни телефони во Кина продолжува да опаѓа, покажуваат најновите податоци на истражувачката компанија IDC. Во вториот квартал од годинава биле испорачани околу 66 милиони уреди, што е пад од 4,3 проценти во споредба со истиот период лани. Ова е петти последователен квартал со негативен тренд, додека во првата половина од годината испораките се намалени за 4,2 проценти.
Според IDC, поскапувањето на мемориските чипови и другите клучни компоненти ги принудило производителите да ги зголемат цените на уредите или да ја намалат понудата на поевтини модели. Како резултат на тоа, дел од потрошувачите ја одложиле купувањето на нови телефони. Дополнително, влијанието на државните субвенции, кои претходно ја поттикнуваа продажбата, постепено ослабува.
Меѓу водечките компании, само Huawei и Apple забележале раст во испораките. Huawei остварил годишен раст од 19,4 проценти, додека Apple ги зголемил испораките за 24,4 проценти. Според аналитичарите на IDC, двете компании ги задржале цените на своите уреди, што им овозможило да привлечат купувачи во период кога конкурентите ги поскапувале своите модели.
Huawei останува лидер на кинескиот пазар со удел од 22,6 проценти, додека Apple е втор со 18,1 процент. Од друга страна, најголем дел од производителите на Android телефони се соочиле со пад на испораките. Xiaomi забележал намалување од 21,7 проценти, Oppo пад од 9,7 проценти, а Vivo 11,4 проценти.
IDC оценува дека повисоките производствени трошоци и зголемените малопродажни цени го забавуваат обновувањето на најголемиот светски пазар за паметни телефони, бидејќи сè повеќе корисници ги користат постојните уреди подолго време.