Пред големото финале на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина, вниманието не е насочено само кон фаворитите и тактиката, туку и кон состојбата на теренот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, кој веќе предизвика бројни реакции кај учесниците на турнирот. Финалето ќе се игра на температура од околу 30 Целзиусови степени и висока влажност на воздухот, но според шпанскиот весник AS, најголемиот проблем не е жештината, туку квалитетот на тревната подлога.
Шпанија одигра шест од своите седум натпревари на климатизирани и покриени стадиони. Единствениот меч на отворено беше во мексиканска Гвадалахара, но по силното невреме високите температури не беа значаен фактор. Сепак, шпанската репрезентација се подготвуваше за жешки услови во Чатануга и Далас, очекувајќи дека во завршницата ќе мора да игра во таква атмосфера.
Она што повеќе ги загрижува Шпанците е подлогата на стадионот, која веќе доби остри критики од неколку репрезентации. Прв реагираше бразилскиот напаѓач Винисиус Жуниор, кој изјави дека тревата многу брзо се суши и станува исклучително тврда.
„Иако теренот се полева, тревата брзо се суши, па подлогата станува многу тврда. Поради тоа не можеме да воспоставиме ритам на игра и тоа ни создава проблем, бидејќи сакаме брз проток на топката“, изјави Винисиус.
Уште покритичен беше францускиот репрезентативец Адриен Рабио.
„Ова не може ни да се нарече тревник, повеќе личи на вештачка подлога. Условите се исти за сите, но теренот е тврд и крут“, рече францускиот играч од средниот ред.
Неговиот селектор Дидие Дешамп ја опиша подлогата како „специфична“, додавајќи дека има чувство како под тревата да има бетон, а влакната се премногу кратки. Сличен впечаток има и норвешкиот селектор Столе Солбакен.
„Тревата е кратка и тврда, речиси како да е вештачка. Ќе мораме да се приспособиме“, изјави Солбакен.
Стадионот „МетЛајф“, кој за време на Светското првенство официјално го носи името „Њујорк Њу Џерси стадион“, се наоѓа во Ист Радерфорд, во американската сојузна држава Њу Џерси, на околу осум километри западно од Њујорк.
Изграден е во 2010 година по цена од околу 1,6 милијарди долари и има капацитет од 82.000 гледачи. Вообичаено е дом на НФЛ тимовите Њујорк Џајантс и Њујорк Џетс, а за потребите на Светското првенство е адаптиран за фудбал. Сепак, токму тревната подлога, која требаше да биде една од најголемите предности на спектаклот, стана една од најкоментираните теми пред натпреварот што ќе го одлучи новиот светски шампион.