Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска испиша нова страница во македонската кинематографија, откако беше номиниран во две категории на 78. Emmy Awards.
Ова е првпат македонски филм да добие номинација за овие престижни награди, со што успехот на „Приказната за Силјан“ претставува значаен момент за македонската документаристика и за филмската сцена во регионот.
Филмот е номиниран во категоријата „Исклучителна вредност во документарното филмско творештво“, која ги препознава документарните дела со силен авторски пристап, уметничка вредност и општествено значење.
Втората номинација е во категоријата „Извонредна кинематографија за неиграна програма“, признание за визуелниот израз на филмот и работата на кинематограферот Jean Dakar, кој преку камерата ја доловува приказната за човекот, природата и борбата за опстанок.
„Приказната за Силјан“ продолжува да го афирмира македонскиот документарен филм на светската сцена, по успешните фестивалски претставувања и признанија што ги доби досега.
Свеченото доделување на 78. Emmy Awards ќе се одржи на 14 септември во Peacock Theater во Лос Анџелес, додека наградите во креативните категории, Creative Arts Emmy Awards, ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.