Општините со повик до граѓаните: Пријавете штети од невремето пред истекот на роковите

Општините отворија рокови за пријавување штети од невремето. Граѓаните имаат рок до крајот на јули и почетокот на август.

Локалните самоуправи низ државата отворија рокови за пријавување штети од неодамнешните временски непогоди, повикувајќи ги граѓаните и компаниите навремено да поднесат барања за обештетување.

Во струмичкиот регион, жителите на Струмица, Ново Село, Босилово, Василево и Радовиш кои претрпеле штети од силниот ветер на 20 и 21 јули, можат да аплицираат во своите општини. Рокот за поднесување барања во Струмица и Ново Село е до 31 јули, додека во останатите општини трае до 5 август.

Во Куманово, пак, граѓаните и правните субјекти можат да пријават штети од невремето кое се случи помеѓу 20 и 26 јули, најдоцна до 31 јули. Барањата се доставуваат во архивата на општината со потребната документација.

За поднесување на барањата потребни се лични документи, имотен лист и трансакциска сметка, а во некои случаи се препорачува и приложување фотографии од штетите.

По завршување на роковите, општинските комисии ќе излезат на терен за проценка на штетите.

Надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат роковите, бидејќи процесот на обештетување зависи од навремено и комплетно поднесени барања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс