Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ го продолжи за 15 дена рокот за доставување апликации на Јавниот повик за независни национални и меѓународни експерти за евалуација на проектни предлози. Новиот краен термин за пријавување е 2 октомври 2026 година, со цел да се овозможи поширок опфат на стручни кадри од земјата и странство.
Повикот има цел воспоставување Регистар на независни експерти-евалуатори на „Скопје 2028“. Избраните професионалци ќе бидат ангажирани за спроведување независна, објективна и стручна оцена на предлозите поднесени во рамките на програмските линии и јавните повици за реализација на уметничката програма.
Фондацијата особено ќе ги земе предвид апликациите на експерти со практично искуство во програмите на Европската Унија, пред сè „Креативна Европа“, како и во проекти поврзани со Европска престолнина на културата (ECoC). Меѓу клучните квалификации се наведуваат и меѓународната културна соработка, грантовите, шемите за финансиска поддршка и независната проектна евалуација.
Вклучувањето во регистарот не значи засновање работен однос со Фондацијата, ниту пак гарантира автоматски ангажман. Експертите ќе се повикуваат според динамиката на одделните повици, нивната експертиза, достапност и потврденото отсуство на судир на интереси, при што секој ангажман ќе се регулира со посебен договор.