Пресврт на Волстрит: Насдак закрепна по големиот пад, инвеститорите повторно се свртеа кон технолошките акции

По минатонеделниот пад предизвикан од загриженоста околу вештачката интелигенција, Насдак порасна за 1,2 отсто. Но, стравувањата за одржливоста на инвестициите во ВИ и задолженоста на компаниите и понатаму ги вознемируваат инвеститорите.

Технолошкиот индекс Насдак композит порасна во понеделникот, откако инвеститорите повторно се насочија кон технолошкиот сектор по минатонеделниот пад поврзан со загриженоста околу вештачката интелигенција. Индексот порасна за 1,2 отсто, додека СиП 500 забележа раст од 0,5 отсто. Индустрискиот индекс Дау Џонс се тргуваше речиси без промени.

Акциите на технолошките компании се обидоа да закрепнат по една од најлошите недели за секторот во последните месеци. Акциите на „Интел“ пораснаа за два отсто, откако аналитичарите на „Џеј Пи Морган“ ја подобрија оценката за производителот на чипови. Раст забележаа и „Адвансд Мајкро Дивајсис“ и „Мајкрон Технолоџи“, за еден, односно два отсто.

Сепак, не сите компании успеаја да го следат позитивниот тренд. „КорВив“ (CoreWeave), компанија што обезбедува облачни услуги за потребите на вештачката интелигенција, забележа пад на акциите од три отсто, и покрај тоа што „Голдман Сакс“ ја подобри нејзината оценка.

Минатата недела акциите на „КорВив“ изгубија повеќе од 25 отсто од вредноста, што е нивниот најголем неделен пад од ноември 2025 година. Главна причина за загриженоста е задолженоста на компанијата и прашањето дали нејзиниот деловен модел може да го оправда темпото на инвестиции.

Најлоша недела за технолошките акции

Падот од минатата недела остави видливи последици на американските берзи. Индексот СиП 500 изгуби речиси два отсто, што е негов најголем неделен пад од крајот на јуни, додека Насдак се намали за 4,5 отсто и ја прекина серијата од четири последователни недели на раст.

Секторот за информатичка технологија ослабе за повеќе од шест отсто, остварувајќи го најлошиот неделен резултат од април 2025 година. Според податоците на „Голдман Сакс“, минатата недела овој сектор забележал најголема нето-продажба на акции на глобално ниво, а хеџ-фондовите продале рекорден удел од технолошките акции.

Инвеститорите се прашуваат дали инвестициите во ВИ се исплатливи

Загриженоста околу одржливоста на огромните инвестиции во вештачката интелигенција дополнително се засили по извештајот на Си-Ен-Би-Си, кој се повика на извори запознаени со резултатите на компанијата „Антропик“. Според објавените информации, приходите на компанијата во третиот квартал достигнале 16,8 милијарди долари, во споредба со 11,6 милијарди долари во вториот квартал.

Иако станува збор за раст на приходите, податоците поттикнаа нови прашања за тоа дали темпото на развој на пазарот за вештачка интелигенција ќе ги оправда високите вложувања. Инвеститорите сè повнимателно ги проценуваат трошоците, задолженоста и реалната можност компаниите да остварат одржлив профит.

Дополнителен знак на нервоза доаѓа од пазарот на корпоративни обврзници, каде што инвеститорите почнаа да избегнуваат изложеност кон „КорВив“. Премиите на кредитните свопови (ЦДС), финансиски инструменти што служат како заштита од ризикот компанијата да не ги исполни своите обврски, достигнаа ниво што укажува на сериозна загриженост на пазарот.


И покрај понеделничкиот раст на Насдак, закрепнувањето не значи дека неизвесноста е надмината. Следните движења на берзите ќе зависат и од резултатите на технолошките компании и од тоа дали нивните приходи ќе ги оправдаат високите очекувања поврзани со вештачката интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс