Пресудата за Тачи го тестира мирот на Косово

Во Хаг завршува првостепениот процес против четворицата поранешни команданти, додека медиумите предупредуваат на тензии и протести.
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Специјалниот суд за Косово во Хаг в среда, на 16 септември, ја изрекува првостепената пресуда за Хашим Тачи и тројцата поранешни водачи на ОВК (УЧК), обвинети за воени злосторства од периодот 1998–1999 година. Обвинителството побара казни од по 45 години затвор за сите обвинети, кои се изјаснија за невини. Во пресрет на одлуката, германските и швајцарските медиуми предупредуваат дека евентуалната осуда може да предизвика сериозни немири на Косово и повторно да го отвори прашањето за сојузништвото на Западот со герилските команданти.

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува дека Косово се наоѓа пред исклучително напнат период. Во Приштина веќе се одржаа масовни собири со знамиња на ОВК под паролите „Вратете ги ослободителите дома“ и „Косово ги чека своите херои“. Проценките на новинските агенции за бројот на присутните се движеа од неколку илјади според АП, до десетици илјади според Франс прес.

Германските аналитичари посочуваат дека мнозинството косовски Албанци, иако длабоко прозападно ориентирани и свесни за улогата на воената интервенција на САД и НАТО во 1999 година, процесот во Хаг го доживуваат како неправда кон борбата за независност. Доколку судот донесе осудителна пресуда, германските дописници не исклучуваат можност за радикализација на протестите и сериозни улични судири.

Судската разрешница носи и меѓународни последици. Според анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, евентуална пресуда против поранешниот косовски претседател ќе го оживее наративот во Белград и Москва дека западната алијанса за време на бомбардирањето на СР Југославија дејствувала во координација со воени злосторници.

Истовремено, судскиот процес влијаеше и врз внатрешната политичка динамика во Приштина. Повоениот пад на популарноста на Тачи и неговите соборци, кои дел од јавноста ги сметаше за корумпирани профитери и овозможи подем на движењето Самоопределување на Албин Курти, сега доби обратен правец. Процесот во Хаг кај дел од гласачкото тело повторно ја зголеми поддршката за некогашниот лидер.

Швајцарскиот дневен весник „Ноје цирхер цајтунг“ потсетува дека иницијативата за формирање на специјалниот суд започна по објавувањето на мемоарите на поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте. Таа тогаш ја критикуваше меѓународната заедница за попустливост кон поранешните бунтовници и посочи на закани и систематско застрашување на сведоците.

По тие наводи, Советот на Европа го назначи швајцарскиот сенатор Дик Марти за специјален известувач. Во својот извештај Марти наведе сознанија за тешки злосторства извршени од припадници на ОВК врз српски, ромски и албански цивили кои биле сметани за противници, што на крајот резултираше со формирање на Специјализираните веќе во Хаг. Без оглед на исходот в среда, двете страни најавија жалби, што значи дека правната завршница ќе потрае уште извесно време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс