На Македонија ѝ требаат 23 години за да ги обезбеди местата во градинките

Македонија има цел до 2032 година 65 отсто од децата на возраст од три до шест години да одат во градинка. Бројките покажуваат дека со досегашното темпо тоа ќе се случи дури кон крајот на 2040-тите.

Помалку од половина од децата до шест години во Македонија одат во градинка, предупреди УНИЦЕФ. Националната цел е до 2032 година 65 отсто од децата на возраст од три до шест години да бидат опфатени, а за тоа се потребни уште околу 19.000 места. Самата бројка не звучи недостижно. Проблемот е во темпото: меѓу 2020 и 2025 година, јавните градинки добивале по околу 833 места годишно, а со таа брзина на државата ѝ требаат речиси 23 години за да го исполни она што го ветува за шест.

Над 79.000 деца на возраст до шест години не одат во градинка. Кај децата од три до шест години, речиси две од три немаат пристап, додека просекот во Европската унија е 95 отсто. Во октомври 2025 година, на официјалната листа за чекање во јавните градинки имало 4.894 деца, а десетте општини со најдолги листи носат околу 80 отсто од нив.

Разликите меѓу општините се огромни. Опфатот се движи од 77 отсто во некои општини до под 10 отсто во други, а во некои општини градинка воопшто нема. Шест општини немаат целосна јавна услуга или се потпираат на пократки програми за ран детски развој. Шансата едно дете да тргне во градинка зависи помалку од неговите родители, а повеќе од тоа каде живее.

Најмногу надвор од системот се децата Роми и децата со попреченост. Кај ромските деца опфатот е околу 7 отсто. Во градинките се запишани 1.155 деца со попреченост на возраст до шест години, а проценетата потреба е 5.821, што е речиси пет пати повеќе.


Проширувањето само преку јавни градинки би чинело 105 милиони евра за инфраструктура, што е околу пет пати повеќе од сегашното ниво на инвестиции. Затоа анализата поддржана од УНИЦЕФ предлага мешан модел, со околу 13.500 нови места во приватни и 5.300 во јавни градинки до 2032 година, како и кофинансирање што би ги направило достапни и за посиромашните семејства. Денес, само 7 отсто од децата одат во приватна градинка, наспроти 15 до 35 отсто во земјите од ЕУ, а приватните градинки се финансираат исклучиво од она што го плаќаат родителите. Истата анализа го поврзува проширувањето на градинките со вработувањето на жените и намалувањето на сиромаштијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс