„764“: Онлајн мрежа што уценува деца и ги принудува на самоповредување – идентификувани членови и во Словенија

Лажни пријателства, сексуални уцени и закани со насилство. Мрежата „764“ таргетира малолетници, а истраги за нејзини членови се водат и во регионот.

Малолетници се вовлекуваат во опасна онлајн-мрежа преку лажни пријателства, манипулации, сексуални уцени и закани, а потоа се принудуваат на самоповредување и други насилни дејствија. Мрежата позната како „764“ е предмет на истраги во САД и Европа, а словенечката полиција потврди дека идентификувала жртви и потенцијални сторители на своја територија.

Министерството за внатрешни работи предупредува на опасноста од оваа онлајн-заедница и ги повикува родителите, старателите, наставниците и јавноста да обрнат внимание на активностите на децата на интернет. Според предупредувањата на американското Федерално истражно биро (ФБИ) и Европол, „764“ е насилна мрежа која таргетира деца, малолетници и други ранливи лица, а се поврзува со сексуална експлоатација, уцени, самоповредување и ширење екстремно насилни содржини.

Контактите, регрутирањето и уценувањето се одвиваат преку социјални мрежи, онлајн-игри и апликации за комуникација. Членовите не мора да се познаваат во реалниот живот, што го отежнува откривањето на мрежата и идентификувањето на сторителите.

Како функционира мрежата „764“?

Групата „764“ во некои медиумски извештаи е опишана како сатанистички и неонацистички култ. Истражувачите, сепак, укажуваат дека мизантропијата и садистичките склоности се значајни фактори во нејзиното функционирање, додека групната динамика придонесува за дополнителна радикализација на членовите.

Мрежата е основана во 2021 година од Бредли Ченс Кејденхед, кој на интернет го користел псевдонимот „Феликс“. Според американските судски документи, тој уште како 15-годишник, откако го напуштил училиштето, на сервер на платформата Дискорд (Discord), познат како „CVLT“, научил техники за сексуална изнуда и експлоатација на малолетници.

Кејденхед ги уценувал малолетниците со интимни содржини и закани, вклучително и лажни пријави за итни случаи со цел вооружена полиција да биде испратена на адресата на жртвата, практика позната како „сватинг“.

Жртвите биле принудувани да создаваат сексуално експлицитни материјали, да учествуваат во насилство врз животни и да се самоповредуваат.

По претресот на неговиот дом на 25 август 2021 година, Кејденхед бил уапсен. На 16 мај 2023 година бил прогласен за виновен за кривични дела поврзани со поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца и осуден на 80 години затвор. Казната ја издржува во затворската единица „Естел“ во Хантсвил, Тексас. Неговото апсење, сепак, не ја запрело мрежата.

Анализите на Институтот за стратешки дијалог (ISD) покажуваат дека „764“ е поврзана со повеќе групи и ограноци, кои со текот на времето ги менуваат имињата и каналите за комуникација. Станува збор за мрежа без единствена, јасно дефинирана структура. Нејзините активности се преклопуваат со други насилни онлајн-заедници, а членовите и групите се приспособуваат на нови платформи и начини на комуникација.

Од лажно пријателство до уцена и насилство

Начинот на дејствување најчесто започнува со контакт со малолетник на социјална мрежа, во онлајн-игра или преку апликација за разговор. Сторителот може да се претстави како врсник, пријател или личност која покажува посебно разбирање и внимание. Преку разговорите се обидува да ја стекне довербата на детето, да дознае лични информации, да ги открие неговите семејни односи и да ги идентификува неговите ранливости.

Откако ќе воспостават контрола, сторителите можат да бараат интимни фотографии, видеа или други материјали. Тие потоа ги користат за уцена, заканувајќи се дека ќе ги споделат со семејството, пријателите или пошироката онлајн-заедница доколку жртвата не ги исполни новите барања. Во предупредувањето од март 2025 година, ФБИ наведува дека жртвите можат да бидат принудувани да снимаат или емитуваат во живо самоповредување, насилство врз животни, сексуално експлицитни дејствија и други опасни активности. Материјалите потоа се користат за дополнителни уцени и за одржување контрола врз жртвата.

Европол предупредува дека во овие групи создавањето и споделувањето сè поекстремни содржини може да биде начин за стекнување статус и докажување припадност. Така, насилството не е само средство за уцена на жртвите, туку и дел од внатрешната динамика на мрежата.

Кои се идентификуваните членови на „764 Inferno“?

Еден од значајните документирани случаи во САД е постапката против Прасан Непал, познат на интернет како „Trippy“. Американското Министерство за правда соопшти дека на 8 октомври 2026 година тој признал вина за заговор за сексуална експлоатација на дете. Според судските документи, Непал имал водечка улога во мрежата „764“, заедно со Леонидас Варагијанис, познат како „War“, кој се поврзува со внатрешната група „764 Inferno“.

Американските обвинителни власти наведуваат дека од приближно 2021 до 2025 година двајцата користеле шифрирани платформи за комуникација и координирање активности насочени кон малолетници во различни земји. Од потенцијалните нови членови се барало да создаваат материјали во согласност со целите на групата. Оние што ги исполнувале барањата добивале повисок статус, додека останатите биле исклучувани.

Според обвинителството, Непал и Варагијанис ја контролирале регрутацијата и циркулацијата на материјалите што се користеле за манипулирање и принудување на жртвите. Во предметот се наведува дека биле експлоатирани најмалку осум малолетни лица во повеќе јурисдикции, а дел од материјалите биле поврзани со деца на возраст од 13 години. Непал се соочува со задолжителна минимална казна од 15 години и максимална од 30 години затвор. Изрекувањето на казната е закажано за март 2027 година.

Случајот е значаен бидејќи се заснова на судски документи и признание на вина од лице идентификувано од американските власти како еден од лидерите на мрежата.

Мрежа без единствен центар

Истражувањата досега идентификувале поединци со водечки улоги, но не и единствен центар од кој се управуваат сите групи поврзани со „764“. Според Институтот за стратешки дијалог, мрежата се развила од пошироката „Com Network“, а нејзините ограноци соработуваат или се преплетуваат со други насилни и екстремистички онлајн-заедници. Американските власти го идентификувале Непал како еден од лидерите, додека Варагијанис е наведен како сообвинет и соработник во раководењето со „764 Inferno“. Во октомвриското соопштение американското Министерство за правда наведува дека истражителите идентификувале повеќе од десет активни соработници поврзани со нив. Многумина користеле интернет-псевдоними и комуницирале преку шифрирани канали.

Европол предупредува дека ваквите групи се меѓусебно поврзани, се приспособуваат на нови платформи и можат да преминуваат од една форма на организирање во друга. Затоа истрагите не се ограничуваат на пронаоѓање на една централна фигура, туку вклучуваат идентификација на жртвите, сторителите, каналите за комуникација и мрежите за размена на материјали.

Во 2025 година Европол го најави проектот „COMPASS“, кој ги поврзува полициските и безбедносните служби во повеќе земји во борбата против пошироката онлајн-средина позната како „The Com“. Европската агенција посебно ја издвојува „764“ поради начинот на регрутирање и нивото на насилство поврзано со неа.

Има ли случаи во регионот?

Словенија е една од земјите во регионот во која се документирани активности поврзани со мрежата. Во годишниот извештај за работата на Полициската управа Љубљана за 2025 година се наведува дека словенечката полиција соработувала со ФБИ во идентификувањето сторители и жртви на насилната онлајн-група „764“ и сродни групи.

Според извештајот, станувало збор за уценување малолетници со интимни фотографии и видеоснимки, поттикнување самоповредување и регрутирање малолетници за привлекување нови членови. Словенечката полиција потврдила дека жртви и потенцијални сторители биле идентификувани на територијата на Словенија, а истрагите се воделе во координација со странски безбедносни служби.

Ова потврдува дека активностите на мрежата не се ограничени на САД и дека меѓународната полициска соработка опфаќа и земји од непосредното соседство на Северна Македонија. За Македонија, засега е јавно познат апелот на МВР од 20 ноември 2026 година. Министерството предупредува на начинот на дејствување на „764“ и ги повикува родителите, старателите, наставниците и јавноста да бидат внимателни.

Во соопштението, меѓутоа, не се наведени конкретни случаи, број на жртви, осомничени лица или резултати од истрага во земјава. Оттука, само врз основа на ова предупредување не може да се заклучи дека во Македонија е откриено локално јадро на „764“ или дека постои потврдена домашна истрага против конкретни членови.

Кои знаци треба да ги препознаат родителите?

Европол и ФБИ советуваат родителите и наставниците да обрнат внимание на ненадејни промени во однесувањето на децата, особено: повлекување од семејството и пријателите; зголемена таинственост околу онлајн-активностите; необична вознемиреност или страв; контакти со непознати лица на интернет; прикривање физички повреди и изложеност на вознемирувачки или насилни содржини.

Ниту еден од овие знаци сам по себе не докажува дека детето е жртва на „764“. Но, нивната појава, особено во комбинација со закани, уцени или нагли промени во онлајн-однесувањето, треба да биде причина за внимателен разговор и навремена реакција.

Најважно е детето да не биде обвинувано или посрамотувано ако открие дека споделило интимна содржина или било уценувано. Ваквите групи токму преку стравот од откривање и срамот ја одржуваат контролата врз жртвите. Родителите треба да ги зачуваат достапните докази, да избегнуваат самостојно соочување со осомничените и случајот да го пријават во полиција.


Предупредувањето за „764“ покажува дека заштитата на децата на интернет не завршува со забрана за користење одредена апликација. Потребни се отворена комуникација во семејството, дигитална писменост, навремено препознавање на уцената и соработка меѓу институциите, училиштата и родителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс