Со доделувањето на наградите, синоќа беше затворено петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. За наградите одлучуваше меѓународно жири во состав Емили Ришел, Елеонора Венинова и претседателот Мирослав Митиќ.
Главната награда за најдобар медитерански филм му припадна на кипарскиот „Држи се за мене“ во режија на Мирсини Ариститиду, кој беше прикажан на отворањето на фестивалот.
Жирито оцени дека филмот постигнува исклучителна рамнотежа меѓу раскажувањето, режијата, актерската игра, филмскиот јазик и емоционалното влијание, претворајќи ја интимната семејна приказна во универзална приказна за простувањето, одговорноста и односот меѓу татко и ќерка. Режисерката се заблагодари за признанието преку видео порака.
Наградата за најдобра кинематографија ја доби Душан Кардалевски за филмот „Кома“. Жирито ја истакна неговата способност преку внимателно компонирани кадри и суптилно визуелно раскажување да создаде силна атмосфера и емоција. Кардалевски наградата ја посвети на целата филмска екипа.
За најдобра оригинална филмска музика беше награден Ѓорѓе Миљеновиќ, познат како Скај Виклер, за музиката во филмот „Кармадона“. Според жирито, неговата музика претставува суштински драмски елемент што ја обликува атмосферата и емоционалниот идентитет на филмот.
Признанието за најдобар краткометражен филм го освои „Антигона“, кој беше пофален за современото толкување на класичната тема и силната емоционална порака.

За најдобра актерка беше прогласена Пламена Гетова, чија изведба беше оценета како достоинствена, емотивно прецизна и човечна.
Наградата за најдобар актер ја доби Јаник Рение, кој, според жирито, со извонредна прецизност и уметничка сигурност создал впечатлив лик што се движи меѓу сеќавањето, идентитетот и филмската митологија.
Признанието за најдобра режија го поделија Александар Радивојевиќ за „Кармадона“ и режисерското дуо Бруно Форцани и Хелен Катет за филмот „Одраз во мртов дијамант“. Жирито ја награди нивната оригинална режисерска визија и иновативниот филмски јазик.
Советот на фестивалот му додели почесно признание на иранскиот филм „Коцкарот“ за креативност и истрајност во исклучително тешки продукциски услови. Специјално признание од жирито доби словенечкиот краток филм „Чекајќи го возот“ во режија на Армин Чулик, а почесно признание доби и актерката Марија Петрова за нејзината емоционално силна изведба.
Во рамки на затворањето беше соопштен и добитникот на грантот за развој и продукција на дебитантски краток филм. Поддршката ја доби сценариото на Горан Трифуновски.
Вечерта заврши со премиерната проекција на краткиот филм „Аналогни души“ во режија на Марија Грчева, а фестивалот беше затворен со проекцијата на „Кармадона“ на Александар Радивојевиќ.