Search

Предновогодишна депресија

Некаде прочитав дека минатата година во Македонија биле препишани милион и пол рецепти за “Дијазепам“. Со бројки: 1.500.000, со букви: еден милион и петстотини илјади. Дозволете си момент оваа информација да легне на меко во вашата глава. Импозантна бројка за земја чии морално супериорни граѓани отворено презираат наркомани и воопшто наркоманија. Сега на ова додадете уште барем толку дијазепами испиени без рецепт, па сиот тој алкохол, секако цигарите и плус сите останати дроги кои засега се набавуваат илегално кај нас. Заклучокот се наметнува сам: Македонија е наркоманска држава. Држава наркоманка.

Луѓето се дрогираат од различни причини. Младите од љубопитност и авантура, старите поради болка, паметните ради креативност, глупавите од досада. Секој со своето, не? Заеднички именител на сите е потребата, барем на момент, да се излезе од рутината на секојдневието. А секојдневието е навистина убиствено: најадени, напиени во сопствена држава, па и демократска; социјални мрежи, прослави, награди на филмски фестивали… размазени деца, немоќни родители, корупција како врв на индивидуалниот избор на животен стил. Разединети, сурфаме врз совршениот бран на потрошувачката култура. Одамна сме Трст, а наскоро и Солун ќе се сториме, ако дадат Господ и глобалното затоплување.

Сепак најсилната дрога од се, за нас е омразата. Хипнотизирани сме од омраза. До пладне се мразиме себе си, а попладне го мразиме сиот свет. Ја презираме сопствената држава, токму онаква каква самите сме ја створиле и дозволиле да се развие. Национализам, нетрпение кон другиот, експлозивна омраза кон блискиот, искрена омраза кон светот и самото постоење. Омразата се подгрева и продлабочува во континуитет, што од автентичниот домашен фашистички фактор, што од руските инсталации, платени да шират незадоволство, недоверба, омраза. Омраза под ефтин превез на борба против системот. Глупава реторика која ја проголтува буквално секој (вечно гладен) Македонец. Неказнето системско насилство, неказнето домашно насилство, неказнета непријателска пропаганда. Неодамнешната национална трагедија, кога еден голем и на органите на прогонот добро познат “патриот“ убиваше од инспирација, прецизно не прикажа во вистинското светло на она што како народ сме: лешинари (мршојадци).

Милион и пол наркомани.

Петстотини илјади отселени.

Сто и педесет илјади патриоти со бугарски пасош.

Повеќе од половина милион не-гласачи.

Врие бојкотирачи.

Семејни насилници.

102,3% лешинари.

Тешка наркоманија, дами и господа.

И уште два – три збора пред да ве оставам на беспрекорната разјадувачка моќ на предновогодишната депресија. Во манир на врвен македонски експерт од социјалните мрежи, тврдам дека во 2023та ќе забележиме околу 50% зголемување на консумацијата на Дијазепам во земјава. Веќе сега, за 2024та се предвидуваат периоди на недостаток на популарниот медикамент (читај: тешка дрога), па побрзајте, набавете си поголеми количини. Ќе се најде…

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни