ТрансФорма- граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица го искористи денешниот ден, 17 мај, Меѓународен ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата да испратат пораки пред пратениците во парламентот и пред амбасадори за да повикаат на изгласување на Законот за матична евиденција со кој се регулира правно признавање на родот. Од ТрансФорма потсетуваат дека заложба на секој пратеник е да овозможи секој поединец во општеството да ги ужива своите човекови права, што не е случај со трансродовите лица, пред се при остварување на елемнтарното право- правото на идентитет.
„Она што дава надеж е најавата дека Законот за матична евиденција повторно ќе влезе во собраниска процедура и се надеваме дека пратениците ќе го изгласаат и покрај големото доцнење. Пратениците не смее да потпаднат на пропагандата со која не дехуманизираат и не претставуваат како монстуми кои се штетни за општетството, а особено за децата. Со законот се овозможува да се сменат личните документи, кои го засегаат само лицето кое ги поседува и институциите пред кои ги приложува. Трансродовите луѓе во оваа земја веќе менуваат документи, постапки кои се провизорни и можат да траат од една до 10 години. Со овој закон, наместо да ни се менуваат документите со одлука на Европскиот суд за човекови права, ќе се менуваат со решение на Управата за матична евиденција. Наместо да се менуваат за една деценија, ќе се менуваат за еден месец.“ потенцираа од ТрансФорма.
Инаку, до сега 14 трансродови лица ја смениле ознаката за пол и матичниот број, и тоа никому не наштетило, особено не на системот и на другите поединци во општеството. Едноставно, трансродовите луѓе сакаат да им се олесни патот кон нивно учество и придонес во општеството.
„И Јас како трансжена се залагам за семејни вредности, и јас имам семејство. Но за мене семејните вредности се љубов, емпатија и поддршка од најблиските, значи дека твоите и околината те прифаќаат со сите твои различности, доблести и мани и ти помагаат да бидеш најдобрата верзија од себе. Но, противниците мислат дека семејна вредност е да ги мразиш различните, мажот да одлучува и да ги контролира жената и децата во семејството, да се однесува насилсно и тоа да му се простува. Не, тоа не се семејни вредности во демократско општество, тоа се патријахални норми кои доведуваат до несигурни, несреќни и насилни млади луѓе“- истакнува Лила Милиќ.
Во очекување дека парламентот ќе интервенира и на овие лица ќе им овозможи остварување на основните човекови права, а со тоа ќе испрати порака до Европа дека ние сме општество кое почитува различности, има уште многу работи кои треба да се променат.
Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ центар за поддршка посочува на континуираното зголемување на поддршката кон ЛГБТИ лицата, особено ако се следи бројноста на Скопје Прајд.
„Присуството на околу три илјади луѓе на Скопје Прајд минатата година, или околу 30% повеќе од претходниот Прајд, покажува и зголемена поддршка за ЛГБТИ луѓето. Ова ни дава надеж дека граѓаните сѐ повеќе ги препознаваат хибридните закани кон кохезијата во општеството и укажува дека е потребен дополнителен напор од државата и едукација на луѓето околу современите ризици. Инаку, говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето континуирано расте и изминатата година регистриравме 36 случаи на говор од омраза врз основ на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет, што се 22% од вкупниот број на регистрирани случаи на говор од омраза. Како дел од хибридните напади, напорите за носење на легислатива за правно признавање на родот беа искористени за дополнително таргетирање на транссексуалната заедница, како „фасада“ кон таргетирање и напад на родовата еднаквост во целина. Анти-родовите движења кај нас се чини се алатка за блокирање на интегративниот процес на државата и се поочигледно станува дека домашните анти-родови структури се поврзани и дејствуваат во координација со надворешни фактори и користат веќе готови наративи“- анализира Андоновски.
На штетните последици од дискриминацијата укажува и Љубомир Фаизов, програмски координатор во ЛГБТИ центар за поддршка.
„Колективните искуства на ЛГБТИ луѓето покажуваат високо ниво на изложеност на дискриминација, вознемирување и насилство поради нивната сексуална ориентација, родов идентитет или родово изразување. Сепак, повеќето од нив не ги пријавуваат случаите во надлежните институции, пред се поради недовербата дека случајот ќе се разреши и страв дека може да предизвика штетни последици за нив. Оние малкумина кои биле охрабрени да пријават често се соочуваат со дополнителна дискриминација или несоодветен третман поради нивната сексуална ориентација, родов идентитет или родово изразување, или ненавремено и неефикасно дејствување, што дополнително придонесува за и онака високиот степен на недоверба во институциите. Тука само како пример ќе ги наведам шесте неразрешени напади врз ЛГБТИ центарот за поддршка и активистите за човекови права кои се случија во периодот од 2012 до 2014 година“- пренесува Фаизов.
Сепак, иако не сме до посакуваното ниво, сепак овие прашања се почесто се отвораат во јавниот дискурс и надежите за правна регулација и за целосна заштита на правата стануваат поголеми. Покрај Парадата на гордоста, кој е веројатно најпрепознатлив настан кога се во прашање ЛГБТИ луѓето и борбата за еднаквост, Интернационалниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, 17 мај, има за цел да го стави фокусот на борбата за човековите права на ЛГБТИ луѓето, да ја подигне свесноста за насилството, говорот на омраза и дискриминацијата кои за огромен број од овие луѓе се секојдневие. Овој датум се слави во повеќе од 130 земји ширум светот и на некој начин претставува глобален обид за координирање на настаните во чиј фокус се ЛГБТИ правата. Датумот не е случаен, на 17ти мај 1990 година Светската здравствена организација ја отстрани хомосексуалноста од Меѓународната класификација на болести.