Големиот пожар што го зафати подрачјето на Сивири и Касандра на Халкидики остави зад себе огромна опожарена површина. Според последните информации, во пожарот што избувна во четвртокот изгореле околу 3.500 хектари.
Грчките противпожарни служби и денес остануваат на терен, бидејќи временските услови повторно може да ја отежнат ситуацијата. Се очекува засилување на ветерот во текот на денот, што носи ризик од повторно активирање на пожарот на местата каде што сè уште има жаришта.
На гаснењето и локализирањето на огнот учествувале најмалку 220 пожарникари, со поддршка од волонтери. На терен била ангажирана и тешка механизација, со која се правеле противпожарни појаси со цел да се спречи понатамошното ширење на огнот.
Според грчката Противпожарна служба, пожарот кај Сивири бил најсериозниот меѓу околу 40 шумски пожари со кои службите се соочиле во тој период.
Иако најкритичните делови се ставени под контрола, пожарникарите продолжуваат да ги гаснат преостанатите жаришта и да го следат теренот за да се спречи ново разгорување.
Сивири и поширокото подрачје на Касандра се меѓу познатите туристички дестинации на Халкидики, поради што пожарот предизвика особено внимание во текот на туристичката сезона.