Повеќе пожари се активни утрово во Република Српска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а силниот ветер дополнително ја усложнува ситуацијата. На некои локации огнот се приближувал до куќи и инфраструктура, додека на други гасењето е отежнато поради непристапен или миниран терен.
Пожарот кај Мркоњиќ Град сè уште активен
Во реонот на Раjаково Брдо кај Мркоњиќ Град и понатаму е активен пожарот што зафатил сува трева, ниска вегетација и дел од високата шума. Во гасењето се вклучени припадници на Доброволното противпожарно друштво од Мркоњиќ Град и работници на Шумското стопанство „Лисина“, а на терен се и припадници на Полицијата.
Пожарот кај Теслиќ во меѓувреме е локализиран, но пожарникарите, шумарите и мештаните сè уште се на терен. Засега нема информации за нови жаришта, но силниот ветер останува сериозен проблем при гасењето.
Во Остојиќи огнот го отежнува минираниот терен
Голем пожар избувнал и во Остојиќи, на подрачјето на Трново, во кантонот Сараево. Професионалната противпожарна бригада Сараево соопштила дека пожарот е под контрола, но интервенцијата е отежната поради непристапниот и миниран терен. Во гасењето учествуваат три екипи со три возила, припадници на Доброволното противпожарно друштво Трново и работници на „Сараево-шуме“.
Според досегашните информации, куќите не се директно загрозени. Сепак, чадот предизвикал зголемено загадување на воздухот во делови од кантонот Сараево и ја намалил видливоста.
Нови пожари во Никшиќ
Во општина Никшиќ, Црна Гора, пожарите се активни на повеќе локации, а силниот ветер дополнително го разгорува огнот. Нови жаришта се појавиле во областа Бањани, во селата Кленак и Почековиќи, како и во Враќеновиќи. Според локалните информации, постои сомневање дека дел од пожарите биле подметнати.
Огнот, потпомогнат од ветерот, се приближил до куќи, гробишта и црква, но пожарникарите засега успеале да ги одбранат објектите.
Командирот на Службата за заштита и спасување, Славко Тадиќ, ситуацијата ја опишал како хаотична. Пожарот продолжува и на Маганик, над Веље Дубоко, каде што огнот зафатил густа четинарска шума на тешко пристапен терен.
Ветерот е најголемиот проблем
Заеднички проблем на повеќето жаришта е силниот ветер, кој може брзо да ја промени насоката на огнот и да го отежне движењето на противпожарните екипи. Во делови од регионот дополнителен ризик претставуваат густи шуми, непристапниот терен и старите мински полиња, поради што интервенциите на пожарникарите мора да се изведуваат со особена претпазливост.