По неколкудневна борба со огнената стихија, пожарот во атарот на кавадаречкото село Раец е целосно изгаснат. Информацијата ја соопшти градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој нагласи дека и покрај локализирањето на огнот, екипите на Територијалната противпожарна единица Кавадарци остануваат на терен.
Според Јанчев, пожарникарите вршат постојани превентивни обиколки и ги проверуваат сите критични точки на опожареното подрачје, со цел навремено да се реагира доколку се појават нови жаришта.
„Со превентивни обиколки и внимателно следење на состојбата се проверуваат сите критични точки, со цел навремено да се реагира доколку се појави повторно разгорување. Безбедноста на граѓаните и спречувањето на нови жаришта остануваат највисок приоритет“, порача градоначалникот.
Пожарот избувна пред три дена и зафати повеќе локации во атарот на селото Раец. Во неговото гаснење учествуваа пожарникари, припадници на институциите, доброволци и воздушна поддршка, кои со координирана акција успеаја да спречат огнот да се прошири кон населените места и поголеми шумски површини.
Иако пожарот е изгаснат, надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат активности што би можеле да предизвикаат нови пожари, особено во услови на високи температури и суво време.