Евакуации во Грција поради нови пожари западно од Атина

Пожарникарите во Грција се борат со нови разгорени огништа западно од главниот град, додека властите наредуваат евакуација на повеќе населени места.
Фото: EPA/BOUGIOTIS EVANGELOS

Грчките противпожарни служби се мобилизирани на повеќе локации низ земјата, а најкритично е западно од Атина, каде што силниот ветер брзо го шири огнот кон населените места. Властите издадоа итни предупредувања за евакуација на жителите од загрозените подрачја, додека копнените и воздушните екипи се обидуваат да го стават пламенот под контрола пред настапувањето на ноќта.

Пожарот изби во областа Нераки, во близина на Неа Перамос, каде што сувата вегетација и силните ветрови овозможија пламенот брзо да се прошири низ ниската шума и маслиновите насади. Противпожарната служба веднаш испрати десетици пожарникари, поддржани од возила од копно, а од воздух интервенираат хеликоптери и авиони за гаснење пожар.

Поради непосредната опасност, службата за итни случаи 112 испрати пораки до жителите од околните места за превентивна евакуација кон побезбедни зони.

Огнот се шири кон ридестите предели каде што пристапот на копнените возила е отежнат, што бара континуирана поддршка од воздушните сили пред да се стемни. Грчките власти предупредуваат дека временските услови и понатаму се неповолни, со високи температури и променливи ветрови кои брзо ја менуваат насоката на пламенот.

Сите локални служби за спасување се ставени во висока подготвеност за заштита на куќите и инфраструктурата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс