Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во саботата предупреди дека Европа е под „висок ризик од шумски пожари“, посочувајќи дека притисокот особено се зголемува врз земјите од источниот дел на континентот.
Пожари во моментов има во повеќе европски држави, меѓу кои Франција, Германија, Шпанија, Грција, Хрватска и Србија.
Во Франција изгореа речиси 1.600 хектари
На југозападот на Франција, во департманот Ланд, продолжува борбата со пожарот што избувна во четвртокот.
Во саботата од околината на местото Луглон биле евакуирани уште околу 100 жители и туристи.
Според податоците на локалните власти, огнот досега зафатил околу 1.580 хектари, а пожарот е особено активен југоисточно од Луглон, во близина на селото Гарен.
На терен се ангажирани околу 550 пожарникари, а во гаснењето учествуваат и противпожарни летала.
Германија евакуираше најмалку 1.800 луѓе
Голем пожар избувна и во германскиот регион Ајфел. Поради ширењето на огнот од подрачјето на Хиртгенвалд биле евакуирани најмалку 1.800 луѓе, додека со пожарот се борат околу 1.400 пожарникари.
Властите наведуваат дека би можело да станува збор за најголемиот шумски пожар во историјата на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Германија испратила засилување и во соседна Белгија, каде пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола пожарот во природниот парк Фањ, во близина на границата меѓу двете земји.
Пожарот таму избувнал во петокот и досега зафатил најмалку 16 квадратни километри шума.
Во Шпанија изгореа повеќе од 15.000 хектари
Околу 1.000 луѓе биле евакуирани во шпанскиот регион Арагон, каде пожарот зафатил повеќе од 15.000 хектари.
Пожарникарите успеале да го запрат ширењето на огнот кон населените места.
Дополнителна надеж носат временските прогнози, според кои се очекува пад на температурите и можна слаба дождовна активност што би можела да им помогне на екипите на терен.
Грција во висока готовност
И Грција е под висок степен на готовност поради силните ветрови кои дополнително ја зголемуваат опасноста од избувнување и ширење на нови пожари.
Според податоците на противпожарната служба, во последните 24 часа во земјата избувнале повеќе од 50 земјоделски и шумски пожари.
Поголемиот дел од нив засега се ставени под контрола.
Пожари и во Хрватска и Србија
Во Хрватска пожарникарите продолжуваат да се борат со пожарот на Дуги Оток, каде се ангажирани повеќе од 100 пожарникари и два противпожарни авиони.
На Пељешац, пак, во петокот бил ставен под контрола уште еден пожар, во чие гаснење учествувале 240 пожарникари и три авиони.
Сериозна е состојбата и во Србија. Властите во петокот вечерта пријавиле дури 25 активни шумски пожари.
Еден од најтешките го зафатил подрачјето на Делиблатската Пешчара, недалеку од Белград, каде според официјалните податоци изгореле околу 25 квадратни километри земјиште.
ЕУ користи сателити за следење на пожарите
Европската унија го користи и сателитскиот систем „Коперникус“ за мапирање на пожарите и следење на состојбата во повеќе земји.
Сателитите помагаат во следењето на пожариштата во Шпанија, Албанија, Грција, Франција, Германија и Србија.
Фон дер Лајен нагласи дека Механизмот за цивилна заштита на ЕУ е подготвен да реагира доколку некоја од земјите побара помош.
Високите температури, сушата и силните ветрови и натаму создаваат исклучително поволни услови за ширење на огнот низ Европа, додека противпожарните служби остануваат во состојба на висока готовност.