Седуммина животно загрозени по пожарот кај Омиш, меѓу пациентите и малолетничка

По пожарот на подрачјето на Омиш, 36 лица побарале помош во КБЦ Сплит, 14 се хоспитализирани, а седуммина се животно загрозени.
Фото: Vatrogasci 193/Facebook

По пожарот на подрачјето на Омиш, 36 лица побарале лекарска помош во КБЦ Сплит, а 14 се хоспитализирани, информира докторката Ивеља од сплитската болница.

Од хоспитализираните, 10 лица се сместени во единиците за интензивна нега, а седуммина од нив се животно загрозени.

Лекувањето на пациенти со изгореници е комплексно

Докторката Ивеља посочи дека лекувањето на пациенти со изгореници е многу тешко и комплексно.

„Грижата за пациенти со изгореници е многу комплексна. Уште од ноќеска сме во блиска координација со Министерството за здравство и веќе работиме на преместување на дел од пациентите кон загрепските болници, за сите повредени да ја добијат најдобрата можна грижа“, изјави таа.

Дел од пациентите ќе бидат префрлени во Загреб

Според неа, во текот на целата ноќ постоела добра координација меѓу КБЦ Сплит, Сплитско-далматинската жупанија, полицијата, Цивилната заштита и Министерството за здравство.

„Зад нас е тешка ноќ, но одличната координација на сите служби ја олесни оваа тешка работа“, порача докторката.

За деталите за здравствената состојба на поединечни пациенти, таа рече дека не може да се изнесуваат повеќе информации поради заштита на нивната приватност.

Според неофицијални информации на хрватските медиуми, меѓу 10-те пациенти на интензивна нега е и 17-годишна девојка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс