Пожарот кај Кавадарци подметнат на пет локации, во гаснењето вклучени и хеликоптери

Огнот брзо се шири кон Тиквешкото Езеро и селото Равец, во вонредната интервенција учествуваат армиски и полициски хеликоптер.

Пожарот во Кавадаречко попладнево се реактивираше со голема сила и се движи кон тешко пристапен терен во близина на Тиквешкото Езеро и атарот на селото Равец. Во гаснењето на огнот се вклучени два ер-трактори, а на помош се повикани еден полициски и еден армиски хеликоптер. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарот е злонамерно предизвикан на пет локации истовремено и дека еден осомничен е веќе на информативен разговор.

Пожарот кој претходно беше активен во Кавадарци попладнево брзо се прошири во атарот на селото Равец, каде што теренот е тешко пристапен за копнените екипи. Поради брзото ширење на пламенот и ветерот што дополнително ги отежнува условите на терен, надлежните служби беа принудени да ги активираат сите расположливи воздухопловни капацитети за заштита на реонот околу Тиквешкото Езеро.

Според првичните информации од Дирекцијата за заштита и спасување, постојат силни индиции дека огнот е намерно подметнат. Огнената стихија избувнала речиси истовремено на пет различни точки со голем интензитет, што придонесе за брзо создавање долга пожарна линија. Полицијата веќе привела едно лице кое се наоѓа на информативен разговор во врска со настанот.

Поради специфичноста на теренот и силните воздушни струења, надлежните проценуваат дека огнот нема брзо да се стави под контрола. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, упати апел до сите граѓани за максимално совесно однесување, нагласувајќи дека борбата со огнот ќе продолжи без прекин во текот на целата ноќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс