Голем шумски пожар го зафати хрватскиот остров Брач, каде што силниот ветер и непристапниот терен предизвикаа брзо ширење на огнената стихија. Огнот се приближи до куќите и индустриската зона, што доведе до евакуација на десетици жители. По повеќечасовна борба, пожарот на Брач беше ставен под контрола, но противпожарните екипи и канадерите итно се пренасочени на островот Шипан, каде што избувна нов огнен фронт.
Огнот изби во текот на ноќта, а силната бура го раснесува пламенот и до 700метри. За само половина час, првичниот пожар се разгоре во неколку одделни жаришта кои подоцна се споија во еден огнен ѕид.
Поради директна опасност за објектите, евакуирани беа најмалку 50 луѓе од дваесетина куќи во областа на Пучишќа. На терен интервенираа над 120 пожарникари со 40 возила, поддржани од четири канадери и авиони од типот „Ер Трактор“. Нема повредени лица, но изгореа повеќе од 250 хектари главно густа борова шума.
Штом ситуацијата на Брач беше делумно стабилизирана, нов пожар избувна на северната страна на островот Шипан кај Дубровник. Поради опасност од брзо ширење кон населените места, противпожарните авиони веднаш беа пренасочени кон новото жариште.
На Шипан се распоредени 27 пожарникари со противпожарни бродови, кои го опколија теренот со цевки за да го спречат напредувањето на огнот. Пожарникарите најавија дека ќе останат на дежурство во текот на целата ноќ поради најавите за засилување на бурата.