Повеќе пари, подобро образование? Европските бројки го рушат митот

Европските земји трошат милијарди за образование, но поголемите вложувања не значат секогаш и подобри резултати.

Шведска во 2023 година издвојувала 6,8% од БДП за образование, додека Романија трошела нешто помалку од 3%. Но, европските податоци покажуваат дека поголемите вложувања не значат автоматски и подобри знаења кај учениците.

Колку една земја вложува во образованието не е секогаш директно поврзано со тоа колку добро учениците читаат, решаваат математички задачи и ги совладуваат основните знаења. На тоа укажуваат најновите европски податоци за буџетите и резултатите во образованието. Некои од земјите со најголеми вложувања заостануваат зад поскромни соседи кога станува збор за основните вештини.

Норвешка, на пример, е меѓу земјите што издвојуваат најмногу средства по ученик, додека Латвија троши значително помалку. Сепак, латвиските ученици постигнуваат подобри резултати од норвешките во основните знаења.

Каде се трошат најмногу пари за образование?

Владите на земјите од Европската Унија во 2023 година потрошиле вкупно 806 милијарди евра за образование, што претставува 4,7% од БДП на ЕУ. Уделот на јавните средства за образование во БДП постепено се намалува во последната деценија – од 4,96% во 2014 година на 4,65% во 2023 година.

Во 2020 година уделот накратко достигнал 5,02%, но тоа во голема мера било последица на падот на економската активност за време на пандемијата, а не на пропорционално зголемување на буџетите за образование.

Меѓу европските земји опфатени со податоците на Евростат, Шведска издвојувала најголем дел од БДП – 6,8%. Над 6% издвојувале и Финска, Исланд, Белгија и Данска. На спротивниот крај се Романија со 2,97% и Грција со 3,33%. Но, споредбата само на процентот од БДП не ја покажува целата слика. Побогата земја може да издвојува помал процент, а сепак да троши многу повеќе пари по ученик.

Затоа важен показател е и износот што реално се издвојува за секој ученик.

Луксембург троши најмногу по ученик, но тоа не значи и најдобри резултати

За споредување на куповната моќ се користи мерката PPS – стандард на куповна моќ, која ги зема предвид разликите во цените меѓу земјите. Податоците за 2022 година откриваат големи разлики. Луксембург издвојувал само 3,74% од БДП за образование, под просекот на ЕУ од 4,66%. Но, истовремено имал најголеми расходи по ученик – 18.422 PPS, што е повеќе од двојно над просекот на ЕУ од 8.246 PPS.

Бугарија има речиси спротивна слика. За образование издвојувала 4,5% од БДП, блиску до европскиот просек, но расходите по ученик биле само 3.097 PPS, најмалку во ЕУ. Меѓу најголемите европски економии, Франција во 2022 година издвојувала 5,33% од БДП за образование, петти највисок удел меѓу земјите од ЕУ со достапни податоци.

Но, расходите по ученик изнесувале 8.151 PPS, нешто под европскиот просек. Италија издвојувала 4,07% од БДП, а трошела 7.945 PPS по ученик. Германија била блиску до европскиот просек со 4,79% од БДП, но трошела 10.363 PPS по ученик, околу 26% повеќе од просекот на ЕУ. И други земји покажуваат интересни разлики. Малта издвојувала подпросечни 4,12% од БДП, но имала надпросечни расходи по ученик. Словачка издвојувала ист процент од БДП како просекот на ЕУ, но трошела 22% помалку по ученик.

Повеќе пари не значат автоматски подобри ученици

Најинтересниот дел од споредбата е односот меѓу вложувањата и резултатите. За тоа може да се користат резултатите од PISA-тестирањето на ОЕЦД, кое ги мери знаењата на 15-годишниците по читање, математика и природни науки. Учениците кои не го достигнуваат Ниво 2 се сметаат за ученици со ниски постигнувања. Ова ниво се смета за основен праг неопходен за целосно учество во општеството.

Во 2022 година, 26,2% од учениците во ЕУ имале ниски постигнувања по читање, а 29,5% по математика. Тоа е значително полошо од 2012 година, кога уделот на ученици со слаби резултати изнесувал 18% по читање и 22,1% по математика. Земјите кои трошат повеќе по ученик генерално имаат подобри резултати по математика, но врската не е автоматска.

Естонија покажува дека не е сè во парите

Естонија има најмал удел на ученици со ниски постигнувања по математика во ЕУ – само 15%. Следуваат Ирска и Данска, со околу 19–20%. Истите три земји имаат и најмал удел на ученици со слаби резултати по читање. Данска е меѓу најголемите европски инвеститори во образование, но за Естонија и Ирска Евростат нема споредливи податоци за расходите по ученик.

Интересен пример е Латвија. Таа трошела само 4.999 PPS по ученик, околу 39% под просекот на ЕУ, но сепак имала подобри од просечните резултати во ЕУ и по математика и по читање. Малта, од друга страна, трошела 9.658 PPS по ученик, околу 17% над европскиот просек, но резултатите биле под просекот.

Дури 32,6% од учениците на Малта имале ниски постигнувања по математика, а 36,3% по читање. На Кипар, пак, расходите по ученик биле блиску до европскиот просек, но резултатите биле меѓу најслабите. Повеќе од половина од учениците – 53,2% – не го достигнале основното ниво по математика.

Во Бугарија уделот бил сличен – 53,6%, но со значително помали вложувања. И Луксембург покажува дека големите инвестиции сами по себе не се гаранција за успех. Во 2018 година, кога имал најголеми расходи по ученик, 27,2% од 15-годишниците имале ниски резултати по математика, а 29,3% по читање.

Европа е далеку од целта за 2030 година

Речиси три од 10 ученици во ЕУ не го достигнуваат основното ниво по математика. Тоа значи дека ЕУ е далеку од целта до 2030 година уделот на ученици со слаби резултати во основните вештини да се намали на под 15%. Проблемот е уште поголем кога ќе се земе предвид социјалниот статус.

Во PISA 2022, дури 48% од учениците од социјално најзагрозената четвртина имале ниски резултати по математика. Кај учениците од најпривилегираната четвртина, уделот бил само 11%.

Помалку деца, повеќе средства по ученик?

Демографските промени би можеле значително да влијаат врз начинот на кој Европа го финансира образованието. Според извештајот „Investing in Education 2025“ на Европската комисија, ЕУ во 2030 година ќе има околу 2,5 милиони помалку жители на возраст од 3 до 18 години во споредба со 2022 година. Вкупно, оваа популација се очекува да се намали за 3,5%.

Најголем пад се очекува во Италија – 13%, Грција – 12% и Шпанија – 11%. Германија, напротив, се очекува да забележи раст од 9%. Намалувањето на бројот на деца би можело да создаде простор за поголеми вложувања по ученик. Ако вкупните буџети за образование само го следат годишниот раст на инфлацијата од 2%, според Европската комисија, расходите по ученик би можеле просечно да се зголемат за 19% до 2030 година.

Клучното прашање не е само колку се троши, туку каде одат парите

Европската комисија проценува дека подобрувањето на основните вештини може да има директно влијание врз продуктивноста, иновациите и економскиот раст. Според проценките наведени во извештајот, БДП на европските земји до 2030 година би можел да биде 8 до 10% повисок од сегашните проекции доколку повеќе луѓе достигнат доволно ниво на основни знаења.

Меѓу мерките што би можеле да помогнат се помали паралелки, поперсонализирана настава, модернизирани наставни програми, подобра обука и услови за работа на наставниците, како и поефикасна употреба на технологијата.

Европските споредби, сепак, испраќаат јасна порака: не е доволно само да се зголеми буџетот за образование. Важно е каде се вложуваат парите и дали тие навистина го подобруваат учењето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс