Прво поскапуваат авионските билети, потоа доаѓаат дополнителните такси за багаж, а зад сето тоа стои една иста причина: млазното гориво станува сè поскапо и понеизвесно.
Притисокот веќе е видлив низ повеќе пазари. Cathay Pacific ја зголемила доплатата за гориво за 34 отсто, Virgin Atlantic предупредува дека високите трошоци ќе останат, а големи авиопревозници ревидираат прогнози, намалуваат летови и бараат начини како да ја префрлат сметката врз патниците. KLM веќе откажа 160 европски летови во наредниот месец поради растечките трошоци за гориво, иако засега тврди дека нема физички недостиг во сопственото снабдување.
Цените на млазното гориво, предизвикан од војната на Блискиот Исток и нарушувањата околу Ормускиот теснец, ги принудува авиокомпаниите да ги креваат цените, да додаваат доплати и да ги кратат капацитетите.
Во пресрет на летната сезона и периодот кога многумина ги планираат одморите, авиопатувањата би можеле дополнително да поскапат. Дел од авиокомпаниите веќе најавуваат повисоки цени за летови на подолги релации, додека други подготвуваат кратења на капацитетите, укинување на помалку исплатливи линии и нови или повисоки надоместоци, вклучително и за багаж.
Промени веќе се воведуваат и на повеќе пазари надвор од Европа. Во Индија се подготвува нов модел на доплата за гориво, а превозници во Германија и Турција веќе воведуваат дополнителни трошоци на европските рути. Во делови од Азија, пак, авиокомпаниите или додаваат нови доплати за гориво, или ги коригираат постојните цени на билетите.
Пораката од секторот е дека, ако високите цени на горивата продолжат и во наредниот период, тоа би можело уште повеќе да ја намали профитабилноста на компаниите и да отвори простор за нов бран поскапувања токму во време кога почнува летното патување.
Во Европа, проблемот не е само цената, туку и стравот дека може да следува вистински недостиг. Европската аеродромска индустрија предупреди дека континентот може да се соочи со системски недостиг на млазно гориво за само неколку недели ако не се нормализира движењето низ Ормускиот теснец. Според Reuters, Европа до неодамна добивала околу 75 отсто од увозното млазно гориво од Заливот, а сега се обидува да ја пополни дупката со рекордни испораки од САД и Нигерија.
Европската комисија, сепак, на 14 април соопшти дека во овој момент нема физички недостиг на млазно гориво во ЕУ, но јасно порача дека загриженоста останува висока и дека ситуацијата се следи како приоритет. Само еден ден подоцна, Брисел предупреди и на поширок ризик: ако војната продолжи, Европа би можела да влезе во продолжен енергетски шок со повисоки цени, нарушено снабдување и дури присилни намалувања на потрошувачката во некои сектори.