Околу 15 планинари се водат како исчезнати по силните поројни поплави што во саботата погодија делови од Гранд Кањон во американската сојузна држава Аризона. Спасувачките екипи досега со хеликоптери евакуирале 62 лица, а според досегашните информации нема пријавени повредени.
Поплавите започнале околу 14:30 часот по локално време во областа на кањонот Брајт Ејнџел и познатото одморалиште „Фантом Ранч“. Американската Служба за национални паркови првично соопшти дека се трага по повеќе од 20 луѓе, но подоцна бројот на исчезнати бил намален на околу 15.
Поројните води предизвикале значителна материјална штета, однеле мостови и оштетиле повеќе пешачки патеки, поради што властите затвориле делови од патеките во кањонот.
Една од евакуираните планинарки раскажала дека времето било мирно и убаво, а потоа луѓето одеднаш почнале да врескаат и да бегаат пред надојдената вода. Планинарите биле упатени кон повисоки и побезбедни места, каде што со часови чекале да пристигнат хеликоптерите. Службата за национални паркови ги повика сите лица кои имаат информации за луѓето што во саботата се наоѓале во внатрешноста на кањонот да се јават кај надлежните служби.
Се очекуваат нови бури
Спасувачките операции се одвиваат во услови на дополнителен ризик бидејќи временската прогноза најавува нови бури и обилни врнежи. Тие можат да предизвикаат нови поројни поплави, одрони и паѓање карпи. Гранд Кањон е меѓу најпосетуваните природни атракции во САД и годишно го посетуваат околу пет милиони луѓе. Патеката Брајт Ејнџел, една од најпопуларните во националниот парк, е меѓу подрачјата директно погодени од поплавите.