Полска на штрек по закана за напад врз премиерот Доналд Туск

Полските власти презедоа мерки откако полицијата добила информации за можен напад врз премиерот Доналд Туск и вицепремиерот и министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш. Засега не се објавени детали за потеклото и природата на заканата.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Каролина Галецка, соопшти дека министерот Марчин Кјервињски и координаторот на специјалните служби Томаш Шемоњак наложиле постапување по добиените информации, пренесува Ројтерс.

За недела, 11 октомври, во 11 часот бил закажан состанок во Антитерористичкиот центар на Агенцијата за внатрешна безбедност. На состанокот требало да учествуваат претставници на безбедносните служби, полицијата и Министерството за внатрешни работи.

Според полското Радио Зет, информацијата за заканата пристигнала до полицијата преку електронска пошта. Властите засега не објавиле кој стои зад неа.

Предупредувањето доаѓа во период на зголемена полициска будност по три напади во училишта во регионот Мазовија во рок од четири дена. Во тој регион се наоѓа и главниот град Варшава. Во објавените информации нема потврдена поврзаност меѓу училишните напади и заканата кон владините функционери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс