Полска ги активираше борбените авиони и ја стави воздушната одбрана во состојба на зголемена готовност поради масовен напад врз Украина. Како што соопшти Оперативната команда на вооружените сили на Полска, борбени авиони и хеликоптери биле ставени во оперативна употреба, додека системите за радарско следење и воздушна одбрана биле подигнати на повисоко ниво на подготвеност.
Според украинските медиуми, Русија започнала голем комбиниран воздушен напад со околу 200 дронови, насочен кон критична инфраструктура во Украина. Украинските безбедносни служби соопштуваат дека нападот има за цел преоптоварување на воздушната одбрана, со можност за дополнителни ракетни и балистички удари.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно предупреди на можни нови бранови напади во текот на денот. Во Киев се пријавени експлозии од активностите на противвоздушната одбрана, додека од регионот на Одеса се објавени снимки од последиците од нападите. Ситуацијата повторно ги зголемува безбедносните тензии во регионот и ја става Источна Европа во зголемена состојба на готовност.